2013-03-18 18:27:38

Мотото и грбот на Папата Фрањо


Папата Фрањо одлучи во главни црти да го сочува својот претходен грб, кој го има избрано уште од својата хиротонија, а го карактеризираат едноставни линии.

Синиот штит е опкружен со симболи на папското достоинство, кои се идентични како кај неговиот претходник Бенедикт XVI (митра сместена помеѓу вкрстени клучеви од сребро и злато, поврзани со црвена лента). На горниот дел се наоѓа знак на монашката заедница Дружба Исусова, од која доаѓа Папата: сонце со зраци на кое со црвена боја е испишано ИХС (IHS – Iesus Hominum Salvator – Исус Спасител на луѓето. Над буквата Х и низ неговата попречна линија минува крст; под монограмот се три црни клинци.

Во долниот дел од штитот се наоѓа ѕвезда и цвет од нард. Ѕвездата според древната хералдичка традиција, ја симболизира Дева Марија, Христовата Мајка и Мајка на Црквата; додека цветот од нард го означува светиот Јосиф, заштитник на општата Црква. Во хиспанската иконографска традиција, имено, свети Јосиф се прикажува со нардова гранка во рацете. Ставајќи ја на штитот таа слика, Папата сака да ја искаже својата посебна побожност кон Пресвета Богородица и свети Јосиф.

Мотото на Светиот Отец Фрањо: miserando atque eligendo, е превземено од хомилијата на свети Беда, свештеник (Om. 21; CCL 122, 149-151), кој коментирајќи го евангелскиот текст за повикот на свети Матеј пишува: "Vidit ergo lesus publicanum et quia miserando atque eligendo vidit, ait illi Sequere me" (Исус го здогледа цариникот го погледна, му се смилува и со љубов го избра па му рече: следи ме). Оваа проповед за Божјото милосрдие е пренесена во Часословот за празникот на свети Матеј, кој има посебно значење во животот и духовниот пат на папата Фрањо. Имено, на празникот свети Матеј 1953 година, младиот Хорхе Марио Бергољо, на седумнаесет години на посебен начин ја доживеа Божјата присутност и љубов во својот живот. После една света Исповед во срцето го почуствува Божјото милосрдие, кој со љубов го повика на монашки живот, да го следи Христос по примерот на свети Игнациј Лојолски.

Кога е избран за епископ монсињор Бергољо, а во спомен на тој настан, одлучи да го избере ова мото и програма за живот, а зборовите на свети Беда miserando atque eligendo, одлучи да ги стави на својот папски грб.







All the contents on this site are copyrighted ©.