2013-03-17 17:35:09

Ангел Господов: Неизмерната Божја стрпливост


Папата Фрањо молеше заедно со повеќе од 200 илјади верници на плоштадот Свети Петар, кои уште од раните утрински часови пристигнаа за да го слушнат и да молат заедно со него. Папата својот говор го започна искажувајќи ја радоста што оваа средба со верниците е во недела, на денот Господов. Тоа е убаво и важно за нас христијаните: во недела да се сретнат, да се поздрават, како сега тука на плоштадот. Плоштад кој балгодарејќи на медиумите има светски димензии, рече Папата. Папата зборуваше без претходно подготвен текст и на крајот за разлика од досегашните папи не поздрави на други јазици.

Осврнувајќи се на денешното Евангелие, во кое се говори за прељубницата, која народот по секоја цена сакаше да ја каменува, Папата забележа дека во Исусовите зборови не чувствуваме презир, туку милосрдни зборови, кои повикуваат на преобраќање. Светиот Отец повторно говореше на тема милосрдие, која деновиве неколку пати ја користи во неговите јавни настапи. Истакна дека Божјото лице е лице на милосрдниот Отец, кој секогаш е стрплив и ги запраша присутните, дали некогаш помислиле колку многу стрпливост има Бог со нас. Тој неуморно ни простува. Поради тоа мораме да му бидеме благодарни. Да се почувствува милосрдието менува сè. Малку милосрдие го прави светот помалку студен и поправеден, поинаку кажано, со зборови се менува светот. Мораме да го сфатиме милосрдниот Отец, кој е толку многу стрплив со нашите гревови. Говорејќи за милосрдието Папата го цитираше кардинал Каспер, и спомна една 80 годишна старица, која ја има сретнато на исповед на една света Литургија за болни во Буенос Аирес, која му кажала: кога Бог не би простувал, светот не би постојал и продолжи дека мораме да настојуваме да го сфатиме Божјото милосрдие. Никогаш не смееме да заборавиме дека Бог не се изморува кога ни простува, додека ние многу лесно се изморуваме кога треба да побараме простување. Папата Фрањо им препорача на верниците да бидат милосрдни со сите и во помош ја повика Богоордица, која во рацете го држеше овоплотеното Божјо милосрдие. Кон крајот објасни дека го зема името на заштитникот на Италија, свети Фрањо, сакајќи да го зајакне неговата духовна поврзаност со оваа земја, која е татковина и на неговите родители. На крајот Папата им посака на верниците пријатна недела.







All the contents on this site are copyrighted ©.