2013-03-16 09:48:51

Папата Фрањо се сретна со кардиналите


Папата Фрањо на 15 март во салата Клементина во Апостолската палата ги прими во аудиенција сите кардинали присутни во Рим. Во име на Кардиналскиот колегиум на почетокот Папата беше поздравен од деканот кардинал Анџело Содано.

„Овие денови речиси допирливо ја чуствувавме љубовта и солидарноста на општата Црква, како и вниманието на многу лица кои и покрај тоа што не се од нашата вера, гледаат со почит и воодушевување на Црквата и Светата Столица“, со овие зборови папата Фрањо, се обрати до браќата кардинали и ова време го нарече „полно со значење, не само за Кардиналскиот колегиум, туку и за сите верници“. „Од сите краеви на светот“, продолжи Папата, „се издигаше ревносна и сложна молитва на христијанскиот народ за нов Папа, а полна со емоции беше и мојата средба со мноштвото на плоштадот Свети Петар“. Папата Бергољо ја изрази својата „искрена благодарност до епископите, свештениците, посветените лица, младите, семејствата, болните и старите лица за нивната многу впечатлива и горлива духовна близина“.

Папата потоа се заблагодари на Кардиналскиот колегиум: „Чувствувам потреба да ја изразам својата жива и длабока благодарност до сите вас, чесни и драги браќа кардинали за грижливата соработка во водењето на Црквата додека беше празeн Престолот“. Папата Фрањо им се заблагодари на сите кардинали, почнувајќи од деканот на Кардиналскиот колегиум кардиналот Анџело Содано и кардиналот Тарчисио Бертоне, камерленго на Светата Римска Црква. „Посебно сум во мислите со чесните кардинали кои поради својата возраст или болест, го гарантираа своето присуство и својата љубов кон Црквата принесувајќи страдање и молитви“. На крајот Папата упати благодарност и до сите оние кои активно учествуваа во подготовката и одржувањето на конклавата.

„Мисла полна со голема љубов и длабока благодарност упатувам до мојот чесен предходник Бенедикт XVI кој во овие години на понтификат ја обогати и охрабри Црквата со своето Учителство, својата добрина, своето водство, својата вера, кои остануваат духовно наследство за сите“, рече Папата. Тоа беше веќе вторпат, по појавувањето на централната ложа на ватиканската базилика, папата Фрањо да потсети на Бенедикт XVI. Петровата служба, живеена во потполно дарување, рече Папата, имаше во него мудар и понизен толкувач, чиј поглед секогаш беше упатен кон Христос Распнатиот, присутен и живот со евхаристијата. „Секогаш ќе го пратиме во своите горливи молитви, во постојаното спомнување, во трајната љубов и благодарност“, рече Светиот Отец. „Чувствуваме дека Бенедикт XVI запали длабок пламен во нашите срца. Тој пламен ќе продолжи да гори, бидејќи ќе го распламтува неговата молитва, која ќе ја подржува и понатаму Црквата во нејзиниот духовен и мисионерски пат.“

Никогаш да не подлегнеме на песимизмот и обесхрабреноста. Да бидеме цврсто убедени дека Светиот Дух и дава на Црквата храброст да издржи и да бара нови начини на евангелизација, со цел да го пренесува евангелието до најодалечените краеви на светот, рече Папата во продолжението на говорот. Христијанската вистина е привлечна и уверлива, бидејќи одговара на длабоката потреба на човечкиот живот, навестувајќи на убедлив начин дека Христос е единствениот Спасител на целиот човек и на сите луѓе. Тоа навестување важи денес исто како и на почетокот на христијанството, во времето на големо мисионерско ширење на евангелието. Папата притоа повторно потсети на примерот на почесниот папа: „Како што многупати нè потсетуваше папата Бенедикт XVI во своите учења и на крајот, со овој храбар и понизен чин, Христос е тој којшто ја води Црквата по својот Дух, Светиот Дух е душа на Црквата, со својата животворна моќ и сила воспоставува единство, од многу прави едно, Христово мистично тело“.

На крајот Папата уште еднаш им се обрати на кардиналите. „Сега ќе се вратите во своите седишта за да ја продолжите сопствената служба, збогатени со искуството на овие денови, така полни со вера и црковно заедништво“, им рече Папата на кардиналите и додаде: „Тоа единствено и неспоредливо искуство ни овозможи длабоко да ја разбереме убавината на црковната стварност, која е одраз на сјајот на Христос Воскреснатиот, зајакнувајќи ги нашите напори да бидеме верни сведоци на надежта и мирот“. Пред благословот, Папата ја довери својата служба „како и сите очекувања и надежи на целиот Божји народ на моќниот заговор на Мајката Црква“.







All the contents on this site are copyrighted ©.