2013-03-14 10:03:57

Биографија на новиот Папа


Кардиналот Хорхе Марио Бергољо, исусовец, архиепископ на Буенос Аирес, Аргентина, истовремено ја врши и службата епископ ординариј за верниците од источен обред во Аргентина, кои немаат свој сопствен епископ ординариј. Роден е на 17 декември 1936 година во Буенос Аирес во семејство со пет деца. Син на италијанска фамилија од Пиемонт, која емигрира во Аргентина. На 11 март 1958 година влегува во новицијат во „Дружбата Исусова“. За свештеник е ракоположен на 13 декември 1969 година во Сан Мигуел. На 22 април 1973 година ги полага вечните завети. Од 1973 до 1979 година е провинцијал на Дружбата Исусова за Аргентина. Од 1982 до 1986 година е ректор на Теолошкиот факултет во Сан Мигуел. Во 1985 година ја довршува неговата докторска дисертација во Германија.

На 20 мај 1992 година е именуван за помошен епископ на Буенос Аирес, а на 27 јуни истата година е хиротонисан. На 3 јуни 1997 година е именуван за архиепископ коадјутор на Буенос Аирес, а на 28 февруари 1998 година го наследува кардиналот, Антонио Куарачина на службата архиепископ на Буенос Аирес. Од 8 ноември 2005 година до 8 ноември 2011 година е претседател на Епископската Конференција на Аргентина. Блажениот Иван Павле II на 21 февруари 2001 година го повикува во Кардиналскиот колегиум. До изборот за папа е член на Конгрегацијата за богослужби и Свети Тајни, Конгрегацијата за клерици, Конгрегацијата за посветен живот и заедници на апостолски живот, Папски совет за семејство и Папска комисија за Латинска Америка.

Ги има напишано книгите: „Meditationes para religiosos" (Размислување за монаси) 1982, „Reflexiones sobre la vida apostolica" (Размислување за апостолскиот живот) 1986, и „Reflexiones de esperanza" (Размислување за надежта) 1992.

Освен тоа што е познат по својата хуманитарна работа Бергољо е познат и по својата скромност. Се откажува од модерни возила, па поради тоа користи јавен превоз, велосипед или пешачи. Затоа е наречен „Кардинал на сиромашните“. Зборува шпански, италијански, а добро се служи и со германскиот јази.







All the contents on this site are copyrighted ©.