2013-03-13 09:15:58

Црквата во Рим претседава со љубов


Со светата Литургија „за избор на Римски папа“("pro eligendo Romano Pontifice") во ватиканската базилика Свети Петар на 12 март е означен почетокот на конкалавите. Светата Литургија ја предводеше деканот на Кардиналскиот колегиум кардинал Анџело Содано во заедништво со кардиналите на Светата Црква како со право на глас, така и оние кардинали кои нема да влезат во конклавите. На светата Литургија покрај големиот број на верници присуствуваа голем број дипломати акредитирани при Светата Столица. Читањата на светата Литургија беа на англиски, односно шпански јазик, додека Евангелието е навестено на латински.

На самиот почеток од хомилијата кардинал Содано истакна дека „срцата се исполнети со љубов“ кои сакаме со Христос да му ги пренесеме на Отецот кој што е на небесата за да му заблагодариме за грижливата помош која ја дава на својата Света Црква и на посебен начин за светлиот понтификат кој со својот пример ни го даде 265 Петров наследник, возљубениот и почитуван папа Бенедикт XVI до кого во овој момент повторно ја упатуваме нашата благодарност.

Денес исто така сакаме да му благодариме на Господ за пасторална грижа на оците кардинали, што побргу да изберат друг добар пастир на Светата Црква. Во овој час сигурно дека верата во Христовото ветување за неминливоста на неговата Црква ни дава храброст. Имено Исус му вели на Петар: „Ти си Петар – Карпа и на таа карпа ќе ја изградам својата Црвка и вратата пеколна нема да може ја надвладее“ (сп. Матеј 16,18)

Читањата кои ги слушнавме можат да ни помогнат подобро да го сфатиме посланието кое Христос му го довери на Петар и неговите наследници, рече деканот на Кардиналскиот колегиум. Осврнувајќи се на првото читање од книгата на пророкот Исаија која уште се нарекува и „Книга на утеха“, кардинал Содано кажа дека во неа Бог навестува дека ќе прати Месија полн со љубов. Тоа пророштво е исполнето во полнина преку Исус, кој дојде на светот за да ја направи присутна љубовта на Отецот кон луѓето. И тоа свое послание Христос го довери на пастирите на својата Црква: Тоа послание го обврзува секој свештеник, епископ, а уште повеќе Римскиот епископ, пастирот на Општата Црква. Таа љубов, продолжи Содано, ги поттикнува пастирите на Црвката да го вршат своето послание служејќи им на луѓето во секое време, од каритативно служење, па сѐ до највозвишено служење, а тоа е да им се даде на луѓето светлото на Евангелието и сила на милоста. При тоа потсети и на пораката на папата Бенедикт XVI за Великиот пост во која се вели: Понекогаш се настојува изразот „љубов“ да се ограничи на солидарност или едноставно давање хуманитарна помош. Напротив, важно е да се потсети на најголемото дело на љубовта, која е токму евангелизацијата, односно „служење на Словото Божјо“.

Говорејќи за второто читање од Посланието до Ефесјаните (4, 11-16), кардинал Содано потсети пред сè на силниот повик за единство на кој повикува свети Павле. Апостолот Павле објаснува како во единството на Црквата постојат различни дарови, но таа различност е во служба на изградување на едно тело Христово. Токму поради единството на неговото мистично Тело Христос го прати својот Свет Дух и истовремено ги постави своите апостоли, меѓу кои прво место зазема Петар како видлив темел на единството на Црквата. Во споменатиот текст свети Павле научува дека сите мораме да соработуваме во изградбата на единството на Црвката. Сите сме повикани да соработуваме со Петровиот наследник, видливиот темел за единството на Црквата.

Во евангелскиот текст пак се говореше за Последната вечера, кога Исус им говори на апостолите: Ова е Моја заповед, да се љубите еден со друг, како што ве возљубив Јас! (Иван 15,12) Овој текст се надоврзува на првото читањето од пророкот Исаија за делувањето на Месијата за да нè потсети дека основен став на пастирите на Црквата е љубовта. Тоа е онаа љубов која нè поттикнува да се даде сопственот живот за браќата. Основен став на секој добар пастир е да си го даде животот за овците свои. Тоа важи пред сè за Петровиот наследник, пастирот на Општата Црква. Колку е поголема и универзална пасторалната служба, толку поголема треба да биде и пастирската љубов. Во таа служба на љубов кон Црквата и кон целото човештво последните папи преземаа благотворни иницијативи, исто така за доброто на народите и меѓународната заедница неуморно застапувајќи се за правда и мир. Да молиме идниот папа да може да го продолжи тоа непрекинато дело на меѓународен план. Меѓу другото, службата на љубов е составен дел од длабоката природа на Црквата. Таа служба на љубов е сопственост на Црквата, а на посебен начин на Црквата во Рим, која спрема убавиот израз на свети Игнациј Антиохиски, е Црквата која „претседава во љубовта“, "praesidet caritati" (usp. Ad Romanos, praef.; Lumen gentium, br. 13), рече кардинал Содано и на крај повика на молитва „Господ да ни подари папа кој со великодушно срце ќе го врши тоа возвишено послание“.








All the contents on this site are copyrighted ©.