2013-02-25 09:12:38

Бенедикт XVI: Молитвата не е бегање од светот


Оваа недела ќе влезе во историјата на Црквата. За последен пат од неговиот понтификат папата Бенедикт XVI со насобраните верници на плоштадот Свети Петар ја молеше молитвата Ангел Господов. Најпознатиот прозорец на светот ќе остане затворен сè до изборот на новиот папа и неговата прва официјална молитва Ангел Господов. И покрај нестабилното време на плоштадот се собраа над 200.000 верници за да ја слушнат катехезата на папата. Нашата интернет страна ја пренесува катехезата на папата во целост:
**********
Драги браќа и сестри,
На втората недела од Великиот пост на литургијата се чита дел од евангелието за Господовото преобразување. Евангелистот Лука посебно го истакнува фактот дека Исус се преобрази додека молеше. Исус го доживува длабокото искуство на односот со Отецот во текот на своевидна духовна обнова која ја искусува на високата гора во заедништво со Петар, Јаков и Иван, троица ученици кои секогаш се присутни на настани, во кои Учителот го посведочува своето Божество (Лука 5,10; 8,51; 9.28). Господ, кој пред малку ја навести својата смрт и воскресение (9,22), на учениците им дава предвкус на својата слава. И во преображението, како и при крштението, се слуша гласот на Отецот небесен: Овој е Мојот возљубен Син; Него слушајте Го!” (9,35). Присутноста на Мојсеј и Илија, кои го преставуваат Законот и пророците од Стариот Сојуз, е многу важна: целата историја на сојузот е упатена кон Него, Христос, кој го остварува новиот „Излез“ (9,31), но не кон ветената земја, како во времето на Мојсеј, туку кон Небото. Петровиот настап: “Учителе, добро ни е овде“ (9,33), преставува невозможен обид да се задржи тоа мистично искуство. Свети Августин тоа го толкува на следниот начин :„(Петар) ... на гората... го имаше Христос за храна на душата. Зошто би морал да слегува доле и да се враќа на напорите и болките, кога тука горе го преплавуваат чувства на светата љубов кон Бог кое му го надахнуваа светото владеење? (Говор 78,3) Размислувајќи за тој дел од Евангелието, од него можеме да извлечеме многу важно учење. Тоа пред сè е примат на молитвата, без која целиот апостолска и каратативна работа се сведува на чист активизам. Во Великиот пост учиме да си земеме време за лична и заедничка молитва, која дава полет на нашиот духовен живот. Освен тоа, молитвата не е бегање од светот и неговите противречности, како што тао сакаше да го направи Петар, туку го поттикнува човекот да го продолжи патот, го поттикнува на делување. „Христијанскиот живот“ напишав во пораката во Пораката за Великиот пост за оваа година, се „ состои од постојано искачување на „гората“ за средба со Бог, а потоа слегување меѓу луѓето, носејќи љубов и сила која ни ја дава таа средба, така да на своите браќа и сестри им служиме со истата онаа љубов со која што Бог љуби“ (бр.3).

Драги браќа и сестри, чувствувам дека ова Слово Божјо е упатено до мене во овој час од мојот живот. Господ ме повикува да „се искачам на гората“, за да се посветам уште повеќе на молитва и размислување. Но тоа не значи да се напушти Црквата, напротив, ако тоа Бог го бара од мене, тоа е токму затоа за да можам да продолжам уште повеќе да и служам со истата посветеност и љубов со која го правев до сега, но на еден начин кој повеќе одговара на мојата возраст и моите сили. Да ја повикаме Дева Марија да биде наша застапничка: нека таа ни помогне секогаш да го наследуваме Господ Исус во молитва и делотворна љубов.








All the contents on this site are copyrighted ©.