2013-02-18 10:12:43

Бенедикт XVI: Великиот пост - време на борба против духот на злото


На првата недела од Великиот пост на молитвата Ангел Господов, предводена од папата Бенедикт XVI на плоштадот Свети Петар, наместо претходно најавените 35.000 верници, се собраа 150.000 верници, за да го слушнат вообичаениот поздрав на папата: „Cari fratelli e sorelle!“ (Драги браќа и сестри!).

Папата Бенедикт XVI во својот наговор на молитвата Ангел Господов, зборуваше за Исусовите искушенија во пустината. Во моментот кога го започнува своето јавно делување, Исус мора да расчисти и да ги отфрли лажните претстави за Месијата, кои сатаната му ги предлага. Но, овие напади исто така се и лажни слики за човекот, кој секојдневно ја напаѓа совеста, претварајќи се во згодни и поволни, дури уште повеќе како добри понуди. Сржта на нападите, објасни Папата, секогаш се состои во инструментализирање на Бог за сопствени цели, давајќи и поголема важност на успехот и материјалните добра. Сатаната е подмолен: „не наведува директно на зло, туку на лажно добро, уверувајќи нè дека вистинската моќ е она што ги задоволува основните потреби. На тој начин, Бог станува спореден, се сведува на средство, на крајот станува невистински, на него повеќе не се смета, исчезнува“.

Цитирајќи го свети Августин, Папата рече дека Исус од нас ги зеде нападите, за да ни ја даде својата победа. Да не се плашиме повеќе и да се бориме против духот на зло: „важно е во борба да се впуштиме заедно со Него, со Христос, Победникот“, препорача Папата во својот говор.

Во својот поздрав до верниците после молитвта Ангел Господов на различни јазици Папата ги повика верниците да молат за него и за неговиот наследник, како и за да духовните вежби кои започнуваат вечерва за да тие бидат плодоносни. Духовните вежби за Папата и членовите на Римската курија ги предводи преседателот на Папскиот Совет за култура Кардинал Џанфранко Раваси, а ќе траат до 23 февруари 2013. Темата на духовните вежби се псалмите.

Во сабота навечер папата Бенедикт XVI го прими премиерот на владата на Италија Марио Монти. По завршувањето на духовните вежби, се очекува папата да го прими и претседателот на Италија Џорџо Наполитано. Градоначалникот на градот Рим, Џијани Алемано, заедно со неговиот градски совет денес беа присутни на плоштадот Свети Петар на молитвата Ангел Господов.







All the contents on this site are copyrighted ©.