2018-03-14 10:33:00

Папата ја посети заедницата Свети Егидиј


Папата Фрањо ја посети римската базилика Санта Марија ин Трастевер, центарот на Заедницата Свети Егидиј, и се сретна со нејзните членови, по повод 50 годишнината од основањето на заедницата.

Нека биде тоа христијанска годишнина, но не поради биланс, туку за верата да ја трасформираме во нова смелост за Евангелието, и повторно да го истакнеме човечкото ткиво на периферијата, да го пренесуваме Евангелието по пат на пријателство, да покажеме дека животот навистина е човечки кога го живееме со најсиромашните и да обликуваме општество во кое никој повеќе не е странец – е предлогот на папата Фрањо кој го упати до Заедницата Свети Егидиј по повод 50 годишнината од делувањето на заедницата, која ја посети на 11 март попладне во нејзиното римско седиште во квартот Трастевере.

Пред претставниците на 60000 членови на заедницата колку што ги има во светот, пред младите и сиромашните пријатели на заедницата, пред беглаците кои пристигнаа во Италија по пат на хуманитарниот коридор во организација на Заедницата на Свети Егидиј, пред старите луѓе, децата од „училиштето на мирот,“ претседателот на заедницата Марко Импаглијацо, го поздрави Светиот Отец и истакна дека е жалосна Црква во која сиромашните се клиенти, а не браќа. Притоа истакна дека заедницата сака заедно со папата Фрањо да сонува за Црква во која никој не е исклучен, во која Божјото милосрдие, го допира срцето на сите луѓе.

Срце отворено за сите, без разлики

Заблагодарувајќи се на присутните за нивната великодушност, Папата ги поттикна нивното срце секогаш да биде отворено за сите луѓе, без разлики, и на сите им посака сè најдобро за нивните семејства и за нивните соништа. Во базиликата Санта Марија ин Трастевере средбата потоа поприми облик на Литургија на Словото.

По читањето на Евангелието и кратките медитации, Папата го поздравија четири претставници од денешната заедница: 80 годишната Џована, која внатре во заедницата се зазема во движењето за старите луѓе; потоа 15 годишниот Јафер Палестинец од Сирија која во Италија дошол по пат на хуманитарниот коридор; по него зборуваше 23 годишната Лаура волонтерка во училиштето на мирот за сиромашни деца во Остија недалеку од Рим; и Мауро Гарофало, одговорен за меѓународни односи во Заедницата Свети Егидиј која работи како посредник во Централноафриканската Република. На крајот папата Фрањо го поздрави Андреја Рикарди основателот на заедницата и истакна дека е предизвик за заедницата светот да го направи подобар, и тоа со силата на понизните и сиромашните.

Талантите на свети Егидиј – молитва, сиромашни, мир

Папата Фрањо ја повика Заедницата Свети Егидиј својата годишнина да не ја доживее само како прослава на настан од минатото, туку најмногу како радосно покажување на одговорност кон иднината. Потсети на талантите на заедницата сумирајќи ги во три збора: молитва, сиромашни и мир, кои ги истакна по повод посетата на 15 јуни 2014 година.

Но, во параболата за талантите еден од слугите не го вложил својот талант заради страв – додаде Папата и рече: Како и денешниот свет во кој често владеат стравот и гневот; стравот кој се фокусира на странецот, на оној кој е поинаков од нас; кој е сиромашен, речиси како да е непријател. Ако сме сами и ние христијаните лесно попуштуваме на стравот. Но вам, патот на вашата заедница ви помага да гледате во иднината заедно со Црквата затоа што е дете на Вториот ватикански собор – рече папата Фрањо, а потоа се осврна на војните кои се во тек, спомнувајќи си на болката на сирискиот народ.

Во Библијата изворот на милосрдието кон сите кои се ранети во животот

Истакнувајќи ја потоа важноста на Словото Божјо кое – како што рече – во минатото ги заштитувало од искушенијата на идеологиите, а денес ги ослободува од заканата на стравот, Папата присутните ги поттикна да ја сакаат и сѐ повеќе да се доверуваат на Библијата. Секој во неа ќе го пронајде изворот на милосрдието кон сиромашните, ранетите во животот и во војната – рече Папата. Во текот на изминатите 50 години светот стана „глобален“; но ако економијата и комуникацијата се споија за многумина, посебно за сиромашните се подигнати нови ѕидови, а нивните разлики се прилика за непријателство.

Сè уште треба да се гради глобализацијата на солидарноста и духот – истакна папата Фрањо. Иднината на глобалниот свет е заедничкиот живот, а тој идеал бара заземање во градењето на мостови, одржувањето на отворениот дијалог, и поттикнување на средба. Не е тоа – според зборовите на Папата – само политичко и организациско дело. Секој е повикан да го промени сопственото срце попримајќи милосрден поглед кон другиот, за да стане творец на мирот и пророк на милосрдието.

50 години, христијанска годишнина

Направете од оваа пригода „христијанска годишнина“; не време за биланс, туку време во кое верата е повикана да стане нова смелост за Евангелието – поттикна Папата и објасни: Смелоста не е еднодневна храброст, туку трпение за секојдневно послание во градот и во светот. Тоа е послание на повторно трпеливо ткаење на човечкото ткиво на периферијата, која ја измачиле насилството и сиромаштвото; тоа е послание на пренесување на Евангелието по пат на лични пријателства; покажување дека животот станува навистина човечен кога се живее со најсиромашните; тоа е послание на создавање на општество во кое никој не е странец. Тоа е послание на премин на границите и ѕидовите со цел обединување – истакна папата Фрањо.

Сиромашните се вашето богатство

Охрабрувајќи ги присутните смело да продолжат да одат по тој пат, Папата ги поттикна да бидат со децата на перифериите, и тоа преку „Училиштето на мирот“; бидете и понатаму со старите луѓе кои понекогаш се отфрлени, но за вас тие се пријатели – рече Светиот Отец. Продолжете да отворате нови хуманитарни коридори за оние кои бегаат од војната и гладот. Сирмашните се вашето богатство! – истакна Папата. Вие сте Христови! И бидете секогаш Христови во молитвата, во грижата за своите најмали браќа, во барањето на мирот, затоа што Он е нашиот мир – рече на крајот папата Фрањо.

РВ/к.мк








All the contents on this site are copyrighted ©.