2017-12-26 15:00:00

Папата упати порака до градот и светот URBI ET ORBI


Во Витлеем од Дева Марија се роди Исус. Не се роди по човечка волја, туку како дар на љубовта на Бог Отецот „зашто Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него, да не погине, но да има живот вечен“ – рече папата Фрањо.

Во Витлеем од Дева Марија се роди Исус. Не се роди по човечка волја, туку како дар на љубовта на Бог Отецот „зашто Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него, да не погине, но да има живот вечен“ – рече папата Фрањо обраќајќи се од централната ложа на базиликата Свети Петар во Ватикан во својот говор „URBI ET ORBI“ и продолжи: Тој настан се обновува денес во Црквата, ходочасници низ времето. Верата на христијанскиот народ повторно го искусува во божиќната Литургија, таинството Бог Кој доаѓа, Кој го зема на себе нашето смртно тело, Кој станува мал и сиромашен за да нè спаси. Тоа нè исполнува со трогнатост, затоа што премногу голема е нежноста на нашиот Отец.

Први кои ја виделе понизната слава на Спасителот после Марија и Јосиф биле витлеемските пастири – рече Папата и потсети: Го препознале знакот кој ангелите им го навестиле и Му се поклониле на Детето. Тие скромни, но будни луѓе, пример на верници за сите времиња, кои пред Исусовото таинство не се соблазнуваат заради неговото сиромаштво, туку како Марија имаат доверба во Божјото Слово и ја контемплираат Неговата слава со едноставните очи. Пред таинството на овоплотеното Слово, христијаните насекаде ги исповедаат зборовите на евангелистот Иван: „Полно со благодат и вистина; и ние ја видовме Неговата слава, слава како на Единороден од Отецот.“

Денес кога над светот надвиснуваат ветровите на војната и кога одреден модел на развој веќе е застарен и се предизвикува пропаѓање на сè што е човечко, општествено и поврзано со животната средина – нагласи Светиот Отец – Божиќ нè повикува да се вратиме на знакот на Детето, да го препознаеме на лицата на децата, посебно за кои, како и за Исус „нема место.“

Да го видиме Исуса на лицата на децата од Блискиот Исток, кои и понатаму страдаат од заострувањето на тензиите помеѓу Израелците и Палестинците – рече папата Фрањо и истакна: На овој ден на прослава да го молиме Господ за мир во Ерусалим и во целата Света Земја; да се молиме меѓу спротивставените страни да надвладее волјата за повторно да се свртат кон дијалогот за конечно да може да дојде до договор кој овозможува мирен соживот на двете држави во рамките на меѓусебно договорените и меѓународно признати граници. Господ нека помогне, напорите на оние во меѓународната заедница кои ги поттикнува добрата волја да помогнат во таа напатена земја да се пронајде и покрај тешките пречки, хармонија, правда и сигурност кои веќе долго време се чекаат.

Да го видиме Исус на лицата на сириските деца која сè уште се обележани со војната која овие години земјата ја натопи со крв – рече Папата и посака: Нека саканата Сирија повторно и конечно го оствари почитувањето на достоинството на секој човек преку заедничкото ангажирање, за градењето на општественото ткиво независно од етничката или верската припадност. Да го видиме Исус во децата од Ирак – продолжи Светиот Отец – кој сè уште е ранет и поделен од непријателствата кои последните 15 години го погодија и во децата од Јемен каде е во тек конфлик кој главно е заборавен, но со длабоки хуманитарни последици за населението кое страда од глад и ширење на болести. Да го видиме Исус во африканските деца – додаде папата Фрањо – посебно во оние кои страдаат во Јужен Судан, Сомалија, Бурунди, Демократска Република Конго, Централноафриканската Република и Нигерија.

Да го видиме Исус во децата од целиот свет – рече Папата – каде мирот и безбедноста се загрозени со опасноста од тензии и нови конфликти. Да се молиме на Корејскиот полуостров да се надминат спротивставените ставови и да се зголеми взаемната доверба во корист на целиот свет. На Детето Исус ја доверуваме Венецуела, различните составни делови на општеството повторно да можат да продолжат во мир да преговараат за благосостојбата на целиот сакан венецуелски народ – рече Светиот Отец и продолжи: Да го видиме Исус во децата кои заедно со своите семејства страдаат заради насилните конфликти во Украина и заради нивните тешки хуманитарни последици, и да го молиме Господ што порано да даде мир во таа сакана земја.

Да го видиме Исуса во децата чии родители немаат работа, се мачат за да им дадат на своите деца сигурна и мирна иднина – рече папата Фрањо и нагласи – и за оние на кои им е украдено детството затоа што од мали биле присилени да работат или биле регрутирани како бескрупулозни платени војници. Да го видиме Исус во голем број деца кои се присилени да ја напуштат својата земја, да патуваат сами во нехумани услови, кои се лесен плен за трговците со луѓе – рече Папата и истакна: Во нивните очи ја гледаме драмата на многу присилени мигранти кои своите животи ги изложиле на опасности соочувајќи се со исцрпувачки патувања кои понекогаш завршуваат со трагедија.

Повторно го гледам Исуса – додаде Светиот Отец – во децата кои ги сретнав во текот на моето последно патување во Мјанмар и Бангладеш и се надевам дека меѓународната заедница нема да престане да работи за достоинството на малцинствата кои се присутни во тие краишта, да бидат на соодветен начин заштитени. Исус добро ја познава болката затоа што „не беше прифатен“ и маката зашто „нема каде главата да ја наслони“ – рече папата Фрањо и поттикна – нека нашите срца не бидат затворени како што биле витлеемските куќи.

И нам ни е даден знакот на Божиќ – „дете завиено во пелени“ – рече Папата и на крајот од својот говор повика: Како Дева Марија и свети Јосиф, како витлеемските пастири, да ја прифатиме во Детето Исус љубовта на Бог кој за нас стана човек и да се заземеме со помош на неговите благодати, да го направиме нашиот свет достоен за децата, сега и во иднина.

На вас драги браќа и сестри, кои дојдовте на овој плоштад од сите страни на светот и кои од различни земји следат преку радио, телевизија и другите информативни средства – заврши Светиот Отец по својот говор „URBI ET ORBI“ – ги упатувам своите срдечни честитки. Нека рождеството на Христос Спасителот ги обнови срцата, поттикне желба за градење на братска и солидарна идина, нека на сите им донесе радост и надеж. Среќен Божиќ!

РВ/к.мк








All the contents on this site are copyrighted ©.