2017-08-07 11:05:00

Светиот Престол изрази загриженост за кризата во Венецуела


Светиот Престол повторно изразува загриженост заради радикализација и влошување на кризата во Боливарска Република Венецуела, со сѐ повеќе загинати, ранети и уапсени.

Светиот Отец директно и преку Државниот секретаријат ја следи состојбата и нејзиното хуманитарно, општествено, политичко, економско и духовно влијание, и ја гарантира својата постојана молитва за таа земја и за сите нејзини граѓани, додека ги повикува верниците во целиот свет силно да се молат за таа накана – се истакнува во соопштението од Државниот секретаријат.

Светиот Престол истовремено ги повикува сите политички претставници, а посебно владата, да гарантира целосно почитување на човековите права и основните слободи, како и важечкиот Устав; потоа да се избегнуваат или прекинат иницијативи кои се во тек, како ново Уставотворно собрание, кои наместо да поддржат помирување и мир, изразуваат напнатост и конфликти, и ја условуваат иднината. Освен тоа, нека се овоможат услови за договорно решение во согласност со упатствата изразени во писмото од Државниот секретаријат од 1 декември 2016 година, водејќи сметка за големото страдање на народот заради тешкотиите во снабдувањето со храна и лекови, и заради недостатокот на безбедност.

Светиот Престол на крајот упатува силен апел до целото општество за да се прекине секој облик на насилство, и посебно ги повикува безбедносните сили да се воздржат од прекумерна и несразмерна употреба на сила.

РВ/к.мк








All the contents on this site are copyrighted ©.