2017-05-02 10:45:00

Папата: По пат на дијалог да изградиме мир


На 30 април 2017 година, папата Фрањо на плоштадот Свети Петар прими десетици илјади членови на Католичката акција во Италија (Azione Cattolica), по повод 150 годишнината од нејзиното постоење.

Околу половина милион католици италијанци се членови на тоа здружение што го прави најголемо лаичко здружение во таа земја. Формирано е во XIX век, за време на политичките и општествените превирања, а настојувало со организираното делување на верниците лаици на сите подрачја на човечкиот живот да ги внесе христијанските вредности.

Светиот Отец потсети дека ваквите годишнини не служат само за гледање во минатото или удобно сместување на столот. Сеќавањето ни помага да станеме свесни колку луѓе заедно биле на патот и колку до ден денешен заедно одат на тој пат.

Потоа зборуваше за важноста за поврзаноста помеѓу општата и локалната Црква, а токму Католичката акција ја овоплотува таа врска. Посебно повикот на лаиците се состои во тоа својата светост да ја живеат во секојдневието. Немојте да се изморите да одите по патот на кој може да расте вистинската синодалност, начинот на станување народ Божји, каде секој може да го даде својот допринос со внимателно, промислено, измолено толкување на знаците на времето за да може да се препознае и да се живее Божјата волја – рече Папата.

Предупреди дека парохијата не е привремена структура, туку токму со нејзино посредништво Црквата е присутна во секојдневието и станува место за помош, љубов кон ближниот и придружба. Светиот Отец рече дека е потребна помошта на тоа лаичко здружение за парохијата да не стане рапава и затворена структура, туку да биде во постојан допир со луѓето.

Треба да се сее „семето на Евангелието“ и да не се ограничи на самопокажување. Потребен е мисионерски дух. Посејте го доброто семе на Евангелието во светот, со служење во љубовта, политички ангажман, страст за образование и среќавајќи се со светот на културата – поттикна папата Фрањо, додавајќи дека никој не е исклучен од обврската за грижа за сиромашните и социјалната правда.

Бидете отворени за реалноста која ве опкружува и без страв барајте дијалог со оние кои живеат околу вас, кои се со поинакво мислење, но кои како вас сакаат мир, правда и братство – рече Светиот Отец и на крајот истакна дека по пат на дијалог да изградиме мир, грижејќи се за сè и разговарајќи со сите.

РВ/к.мк








All the contents on this site are copyrighted ©.