2017-04-25 18:34:00

Папата во Египет нема да користи блиндиран автомобил


Постојат три главни причини за Апостолската посета на Папата на Египет: пастирска - да се сретне со малата католичка заедница; екуменска - да се зајакнат односите со православните копти и меѓурелигискиот дијалог со муслиманскиот свет. Тоа го посочи на прес-конференција во Ватикан ватиканскиот портпарол Грег Бурк за 18. Апостолско патување на папата Фрањо на 28 и 29 април во Египет. „Кон тоа се додава и четвртиот повод, меѓународната политичка ситуација, со оглед на местото и улогата на Египет во регионот на Блискиот Исток", дополни ватиканскиот портпарол.

Претставувајќи ја програмата на посетата, Грег Бурк го истакна учеството на Папата на меѓународната мировна конференција, организирана од Ал-Азхар, на која ќе се обрати по обраќањето на големиот имам ал Тајеб. „Обраќањето на Папата ќе биде дел од конференцијата, а не на отворањето или затворањето - прецизира ватиканскиот портпарол.

Програмата предвидува и средба со Коптскиот православен патријарх Тавадрос II, со кого ќе се помолат за сите жртви на тероризмот во црквата Свети Петар, која беше цел на атентат минатиот декември од страна на џихадисти од т.н. Исламска држава.

Претставувајќи ја програмата на посетата, Грег Бурк рече дека на 28 април, вечерта, Папата ќе поздрави 300 млади од плоштадот пред нунцијатурата каде ќе престојува во текот на ноќта. Пред да отпатува за Рим, папата Фрањо ќе руча со 15 египетски епископи, а попладнето ќе се сретне со 1500 богопосветени лица. Предвидени се пет официјални обраќања на Папата на италијански јазик со симултан превод на арапски од коптскиот свештеник Јоанис Лацио Гаид.

За мерките за безбедност, ватиканскиот портпарол изјави дека тие се исти како и кај другите апостолски патувања и нема причини за загриженост:

„Папата сака да даде позитивен сигнал - рече Грег Бурк. Тој е мирен, бидејќи ја познава ситуацијата во Египет и покрај сѐ што се случи во текот на последните години, особено на празникот Цветници и сака да даде позитивни сигнали. Сака нормални работи, па затоа ќе се движи со нормален автомобил, покриен, но се предвидуваат два моменти во кои ќе се движи со папамобилот: на Литургијата на стадионот, за да биде меѓу луѓето, и на средбата со богопосветените лица."








All the contents on this site are copyrighted ©.