2017-04-15 17:10:00

Папата до затворениците: Бог нè љуби до крај


„Миењето нозе“ на Велики четврток нè потсетува на тоа дека и покрај нашите гревови Бог нè љуби до крај – истакна папата Фрањо на света Литургија Вечера Господова во затворот во Палијан, место недалеку од Рим.

Обраќајќи се на присутните Светиот Отец рече, како што нè научи самиот Исус, Папата е прв повикан да „служи“ за да „сее љубов“. Ги повика така и затворениците да си помагаат едни на други.

„Бидејќи ги засака Своите во светот, до крај ги засака“ – тој ред од Евангелието според Иван беше во фокусот на размислувањето на Папата. Господ знаеше дека бил предаден, дека Јуда ќе го предаде, но Тој „сака до крај“ и го дава животот „за секој од нас“ – рече папата Фрањо и продолжи: Да се љуби до крај. Тоа не е лесно затоа што сите ние сме грешници, сите ние имаме граници, мани, толку многу. Сите знаеме да љубиме, но не сме како Бог кој ги љуби сите сѐ до крај, не гледајќи на последиците. Исус дава пример: Тој Кој бил „шеф“, Бог, ги мие нозете на своите ученици.

Тој обичај на миење нозе се извршувал пред ручек или вечера затоа што луѓето од патот нозете им биле напрашени. Тоа било обврска на робовите – истакна Папата. Меѓутоа, Исус го „превртува“ тоа правило и Он е Тој Кој на другите им ги мие нозете. На Симон Петар кој од одвраќа од тоа Исус му објаснува дека „Тој дошол на светот за да служи, да ни служи, да стане роб за нас, својот живот да го даде за нас, да љуби до крај“ – рече Светиот Отец и додаде: Во овој обред парохот ги мие нозете на верниците. (...)

Папата Фрањо ги повика затворениците меѓусебно да си помагаат, секој од нив да „служи“ на својот содругар затоа што тоа е љубов, тоа е како миење на нозете. Да се биде слуга на другите. Папата потсети дека учениците еднаш меѓусебе се расправеле кој од нив е најголем. Исус одговори дека оној кој сака да биде голем или важен мора да биде најмал и слуга на сите. Тоа е – додаде – она што Бог го прави со нас. Бог ни служи, Он е служител.

Бог ни служи на сите нас! Тој е голем, Тој е добар. Тој нè љуби такви какви што сме. Од таа причина за време на обредот да размислуваме за Бог, за Исус – ги поттикна Светиот Отец присутните. Предупреди дека не станува збор за фолклор, туку тоа е гест за да се присетиме на она што Исус го даде. После тоа, Тој зеде леб и ни го даде своето тело; зеде вино и ни ја даде својата крв – рече Папата и додаде: Таква е Божјата љубов. Денес да размислуваме само за Божјата љубов.

Потоа папата Фрањо ги изми нозете на 12 луѓе меѓу кои беа три жени, еден муслиман кој во јуни ќе се крсти, двајца осудени на доживотен затвор, додека другите би требало да ја издржат казната помеѓу 2019 и 2073 година. Што се однесува до нивната националност, 10 се Италијанци, еден Аргентинец, и еден Албанец. Додаваме дека во затворот во Палијан се наоѓаат 70 затвореници и во целост е наменет за затвореници кои во Италија се познати како „соработници на правдата,“ односно станува збор за луѓе кои се согласиле за државата да сведочат против своите поранешни шефови, и заради тоа потребна им е посебна заштита.

РВ/к.мк








All the contents on this site are copyrighted ©.