2017-02-24 10:08:00

Папата: Соблазната убива


Со двоен живот не смеат да се соблазнуваат „малите“, затоа што соблазната уништува – истакна Папата во проповедта на светата Литургија на 23 февруари 2017 година во капелата на домот Света Марта, повикувајќи да не се одложува преобраќањето.

Подобро „отсечи ја раката, извади го окото, отколку да ги соблазниш малите, односно праведните, оние кои се доверуваат на Бог, кој веруваат во Бог – рече Папата коментирајќи го литургиското Евангелие. Што е соблазна? Соблазна е кога едно зборува, а друго живее: соблазна е двојниот живот. На пример кога некој вели дека е католик, дека секогаш оди на света Литургија, дека е член на многу добротворни здруженија, а не живее христијански, не се однесува праведно кон работниците, ги искористува другите, се занимава со матни работи, перење пари... односно двоен живот. Такви се многу католици, тие пак соблазнуваат. Колку пати се слуша како се зборува дека е подобро да се биде незнабожец отколку да живееш како некои католици. Соблазната убива. Тоа се случува секој ден; за скандалите зборуваат сите весници и телевизии. Со скандалите се убиваат другите -  рече Папата.

Во Евангелието Исус зборува за луѓето кои соблазнуваат; иако не изговараат збор за соблазна, но се покажува дека мисли на соблазна – рече Папата и продолжи: Ќе дојдеш во небото и ќе затропаш на вратата говорејќи: Еве ме, Господи. Зарем не се сеќаваш на мене? Одев на црква, околу црквата секогаш се вртев, бев член на здруженија, многу се трудев... Зарем не се сеќаваш на милостињата кои ги давав? Господ ќе одговори: Се сеќавам на твоите приноси, сите беа валкани, украдени од сиромашните. Не те познавам. Исус така ќе им одговори на оние кои соблазнуваат со двоен живот – рече Папата.

Двојниот живот доаѓа од задоволувањето на похотта на срцето, од тешките гревови кои се рани од источниот грев. Токму првото читање говори дека не треба да се задоволуваат страстите на срцето, дека не треба да се доверува на богатството, дека не треба да се зборува: самиот на себе сум доволен“ – рече Папата и поттикна да не се одложува преобраќањето.

Би било добро денес да истражеме дали има нешто во нас од двојниот живот, од желбата да изгледаме праведни, добри верници, католици, а поинаку да работиме; да видиме дали живееме двоен живот, или премногу се надеваме: Господ ќе ни прости, а јас продолжувам со ваков живот. Ако пак нешто откриеме да кажеме: тоа не е добро, веднаш ќе се преобратам. Завршувајќи ја проповедта, Папата рече дека Бог е строг со оние кои ги соблазнуваат другите, затоа што соблазната уништува.

РВ/к.мк








All the contents on this site are copyrighted ©.