2017-02-17 11:39:00

Папата: Во сржта на секоја спортска активност е радоста


Вие сте знак на надеж за сите оние кои се заземаат за инклузивно општество – рече папата Фрањо на 16 февруари 2017 година на учесниците на Зимските светски игри на Специјалната олимпијада 2017, кои ќе се одржат во март оваа година во австрискиот град Стирија.

Станува збор за голем светски настан на кој ќе учествуваат лица со интелектуална попреченост. Светиот Отец додаде дека тие ќе бидат – како што вели темата на овогодинешните игри – „пулс на светот.“

На некој начин во сржта на секоја спортска активност е радоста: радоста на вежбањето, радоста на заедништвото, радоста што сме живи и радоста заради даровите што Создателот секојдневно ни ги дарува – рече Папата Фрањо додавајќи дека најслатка победата е кога се надминуваме самите себе: тогаш спознаваме што значи вистинска и заслужена награда. Од вас можеме да научиме да се радуваме на малите и едноставните работи и заедно да уживаме во нив – рече папата Фрањо.

Светиот Отец нагласи дека спортот ни помага во ширењето на културата на средба и солидарност. Заедно – продолжи Папата - атлетичарите и помагачите ни покажуваат дека не постојат потешкотии и пречки кои не можат да се надминат. Папата рече дека тие се знак на надеж за сите кои се залагаат за инклузивно општество. Нагласи дека секој живот е скапоцен, дека секој човек е дар и инклузивноста ја збогатува секоја заедница и секое општество. Папата Фрањо истакна дека таа е нивната порака до светот, за свет без граници, за свет кој не исклучува никого.

РВ/к.мк








All the contents on this site are copyrighted ©.