2017-02-15 18:40:00

Проповедај го Евангелието со храброст, молитва и понизност


Храброст, молитва и понизност се особини на големите „гласници“ кои ѝ помогнале на Црквата да расте во светот, кои придонеле за нејзиниот мисионерски карактер – рече папата Фрањо на светата Литургија на 14 февруари, во домот Света Марта.

Во денешната проповед се вдахна од примерот на светите Кирил и Методиј, заштитници на Европа, чиj празник Црквата го слави денес.

Постои потреба од сеачи на Словото, мисионери, вистински гласници кои ќе го обликуваат Божјиот народ, како Кирил и Методиј, добри гласници, бестрашни браќа и Божји сведоци, заштитници на Европа кои ја направиле Европа силна – рече Папата и потоа зборуваше за трите особини на „гласниците“ кои го навестуваат Словото Божјо. Во тоа размислување му помогна денешното прво литургиско читање во кое се истакнуваат ликовите на Павле и Варнава, како и за Евангелието според Лука во кое можеме да видеме како Господ избира седумдесет ученици и ги испраќа по двајца пред себе во секој град и во секое место каде сакал Самиот да оди. (Лк 10,1)

Светиот Отец истакна дека првата особина на „гласникот“ е искреноста, а таа ја вклучува „силата и храброста.“ Словото Божјо не е предлог, ниту добра филозофска или морална идеја, туку нешто друго – рече Папата додавајќи дека Словото Божјо треба да се понуди искрено, со сила, така што Словото да продре – како што Павле вели – „до коска.“ Словото Божјо мора да се навестува искрено, храбро, силно. Личноста која нема храброст – духовна храброст, храброст на срцето кое е заљубено во Исус, затоа што оттука доаѓа храброста! – може да каже нешто интересно, морално, нешто што прави добро, но тоа не е Словото Божјо! И тој збор не е во состојба да го обликува народот Божји. Само искрено, храбро навестување на Словото Божјо може да го обликува Божјиот народ – истакна папата Фрањо.

Од Евангелието според Лука, Светиот Отец ги зеде другите две особини кои се својствени за „гласникот“ на Божјото Слово. Денешното Евангелие е богато со елементи кои се однесуваат на навестувањето – рече Папата и ги повтори Исусовите зборови: „Жетвата е голема, а работници се малку; затоа молете Го Господарот од жетвата да испрати работници на жетвата Своја.“ Според тоа, втората особина на „гласникот“ е молитвата.

Словото Божјо исто така се навестува со молитвата. Секогаш – рече папата Фрањо. Нагласи дека без молитвата личноста може да има добро предавање или поука, но тоа не е Словото Божјо. Тоа може да дојде само од срцето во молитвата – рече Папата. Светиот Отец истакна дека е потребно да се моли Господ да го придружува тоа сеење на Словото, Господ да го залие семето за Словото да ‘рти. Па, проповедањето на Словото Божјо треба да го придружува молитвата – молитвата на оној кој го навестува Словото Божјо.

Во Евангелието постои и трета интересна особина: Господ ги испраќа своите ученици „како јаганца меѓу волци“ (Лк 10, 3). Вистинскиот проповедник е оној кој знае дека е слаб, кој знае дека не може сам да се одбрани. Папата потсети на зборовите на свети Иван Златоуст: „Ако не одиш како јагне, одиш како волк меѓу волците; Господ тогаш нема да те штити: брани се сам!“ Папата предупреди дека кога проповедникот верува дека е премногу паметен или кога настојува да биде лукав, ќе заврши лошо.

За да ја нагласи понизноста на гласникот, Светиот Отец се присети на приказната која некој еднаш му ја раскажал. Имено, проповедникот после добрата проповед заминал во исповедалница и таму наишол на „голема роба,“ голем грешник, кој плачел и дошол да побара прошка. Тој исповедник помислил дека одлично проповедал и започнал од суета да се „дува“. Го прашал човекот да му каже кој збор толку го допрел што го поттикнал на појание, а човекот му одговорил дека тоа било тогаш кога проповедникот рекол: да преминеме сега на другата тема.

Тој е мисионерскиот карактер на Црквата и големите гласници кои сеeле и ѝ помогнале на Црквата да расте во светот – рече папата Фрањо, додавајќи дека тоа биле храбри, понизни, луѓе на молитва. Својата проповед ја заврши со молитвата: нека свети Кирил и Методиј ни помогнат да го навестуваме Словото Божјо, онака како што тие тоа го правеле.

РВ/к.мк








All the contents on this site are copyrighted ©.