2017-01-16 10:25:00

Папата: За да Го следиме Исус треба да ризикуваме


За да се следи Исус треба да се оди, а не да се биде неподвижен со „седечка душа“ – рече Светиот Отец на светата Литургија на 13 јануари 2016 година во домот Света Марта. Коментирајќи го денешното евангелие рече дека вистинската вера нѐ изложува на опасности, но и дека ни влева вистинска надеж.

Луѓето го следат Исус од интерес или заради утеха. Иако наканата не е „целосно“ совршена важно е да се следи Исус, да се оди по Него. Исусовиот авторитет ги привлече луѓето, тоа што тој го зборувал и тоа како го зборувал; бил разбирлив; лекувал, па многумина оделе кај Него за да ги излекува. Исус понекогаш го укорувал народот кој го следел заради корист, а не заради Божјото Слово – рече Папата.

Не се христијани тие кои гледаат од балконот и ги осудуваат другите

Народот понекогаш сакал да го прогласи за цар затоа што мислел: „Овој е совршен политичар.“ Народот грешел, а Исус си заминал, се сокривал. Сепак Господ дозволувал сите да го следат затоа што знаел дека сите се грешници. Тие кои Го следеле не биле најголемиот проблем, туку оние неподвижните –рече Папата додавајќи:

„Неподвижни“, тие се оние кои биле на маргините на одењето, кои само гледале. Седеле, само седеле. Таму седеле некои книжници, тие не следеле, тие од балконот гледале. На балконот го поминале животот. Никогаш не ризикувале. Само суделе. Биле чисти, во ништо не се мешале, Нивните пресуди биле силни, нели? Во своето срце биле неуки! Биле суеверни – рече папата Фрањо.

Освен тие кои живеат на балконот има и други кои во животот не се движат, рече Папата мислејќи на парализираниот кој 38 години поминал покрај бањата: неподвижен, огорчен на животот, без надеж, го проголтувал својот јад: и тој бил неподвижен, не го следел Исус, бил безнадежен – рече Папата.

За вистинска средба со Исус треба да ризикуваш

Тие кои го следеле Исус се изложувале на опасности само за да Го сретнат, да го најдат тоа што го сакале. Евангелието вели дека луѓето отвориле дупка на кровот, а сопственикот на куќата можел да ги тужи, да бара да ја платат штетата. Ризикувале затоа што сакале да дојдат до Исуса. И таа жена која боледувала 18 години ризикувала кога тајно сакала да го допре работ од неговата облека: ризикувала да се посрамоти, но сакала да оздрави, да се сретне со Исус. Сетете се на Хананејката; жените повеќе ризикуваат, вистина е; подобри се, тоа треба да го признаеме – рече Папата.

Не е лесно да се следи Исус, но убаво е. Секогаш се ризикува, често се излегува смешен, но се наоѓа она што навистина вреди: „простени ти се гревовите.“ Бидејќи зад милоста која ја бараме, здравје или решение на некој проблем секогаш е желбата да ни се прости, душата да се излекува. Сите знаеме дека сме грешници. Затоа да Го следиме Исус, да се изложуваме на опасности за да се сретнеме со Него - рече папата Фрањо.

Треба да се избегнува „седечка душа“, затворена и безнадежна

Да се запрашаме поттикна Папата. Дали ризикувам или секогаш го следам Исус како што налагаат правилата обезбедувајќи го домот, плашејќи се нешто да не згрешам? Така не се следи Исус. Така се станува неподвижен како што биле неподвижни оние кои суделе. Да се следи Исуса затоа што на нас нешто ни е потребно, или да се следи Исуса ризикувајќи, а тоа значи да се следи Исуса со вера: тоа е вера? Да се довериш на Исус, да веруваш во Него, луѓето со таква вера отвориле дупка на кровот за болниот да го спуштат пред Исуса за да го оздрави. Дали се надевам на Исус, му го доверувам ли својот живот? Го следам ли иако по некој пат излегувам смешен? Или седам гледајќи што другите прават, седам гледајќи го животот и седам со „седечката“ душа, да кажеме со душа затворена заради горчина, заради недостаток на надеж? Секој од нас денес може да си ги постави тие прашања – заврши Папата.

РВ/к.мк








All the contents on this site are copyrighted ©.