2016-12-14 10:04:00

Папата: Клерикализамот ги оддалечува луѓето од Црквата


Духот на клерикализмот е зло кое и денес е присутно во Црквата, а жртва е отфрлениот и злоупотребен народ – рече папата Фрањо во проповедта на светата Литургија во капелата на домот Света Марта на која беа присутни и кардиналите од Кардиналскиот совет наречен K9. Папата ги предупреди пастирите да не бидат „интелектуалци на религијата“ морално далеку од Божјата објава.

Понизниот и сиромашен народ кој верува во Бог е жртвата на „интелектуалците на религијата“ кои ги заземал клерикализмот, а кои скрушените грешници ќе им претходат во царството небесно. Цитирајќи го Исуса кој во денешниот дел од Евангелието според Матеј се обраќа до свештениците и народните старешини, Папата говореше за нивната улога. Имале законски, морални и верски овластувања, сѐ говореле. Ана и Кајафа на пример „го суделе Исус“, свештениците и старешините „одлучиле да го убијат Лазар“, а кај нив одел Јуда за да „преговара“ и „така Исус бил продаден.“ Тоа било состојба на вообразеност и тиранија над народот, воспоставено манипулирање со законот – рече папата Фрањо додавајќи:

Тие многу пати го менувале законот: имале дури 500 заповеди. Сѐ било одредено, сѐ. Законот бил стручно срочен; биле учени, сѐ знаеле, сѐ добро изнијансирале. Но, тој закон бил без сеќавање: ја заборавиле првата заповед која Бог му ја дал на нашиот татко Авраам: Оди во моето присуство и биде непорочен – рече Папата.

Тие ги заборавиле Десетте Мојсевии заповеди, со својот интелектуален закон, префинет и казуистички го избришале Божјиот закон, им недостасува сеќавањето поврзано со објавата. А нивната жртва, како и Исус, секој ден се понизните и сиромашни луѓе кои веруваат во Бог; отфрлени се затоа што го познаваат покајувањето иако не го извршуваат законот, поднесуваат и неправди – рече Папата.

Јуда бил предавник, згрешил многу. Голем бил неговиот грев. А Евангелието вели: Се покајал и заминал кај нив за да им ги врати парите.“ А што направиле тие? Не кажале дека бил нивен пријател, да биде мирен... дека можат сѐ да му простат! Не, туку кажале да се снајде како знае. Тоа е твој проблем! Пастирите не го прифатиле бедниот Јуда, предавникот и покајникот. Затоа што заборавиле што е пастир. Биле „интелектуалци на религијата“, имале моќ, народот го катехизирале со морал кој бил плод на нивната интелигенција, а не на Божјата објава – рече Светиот Отец.

Тие луѓе го понижувале, одбивале и го камшикувале народот, а тие работи и денес се случуваат. Постои дух на клерикализам, клериците се чувствуваат супериорни, далеку се од народот, немаат време да ги слушат сиромашните, оние кои трпат, затворениците и болните – рече Папата.

Злото на клерикализмот е многу лоша работа, тоа е нова верзија на тие луѓе, а жртвата е иста: бедниот и понизен народ кој чека на Господ. Бог секогаш настојувал да ни се приближи, Го испрати својот Син. Сите сме во радосно исчекување. Но, Синот не се приклучи на играта на тие луѓе: отишол со болните, сиромашните, цариниците, грешниците и проститутките. Исус и денес ни вели и на сите кои ги завел клерикализмот: Грешниците и проститутките ќе ви претходат во царството небесно – заврши папата Фрањо.

РВ/к.мк








All the contents on this site are copyrighted ©.