2016-12-13 11:03:00

Христијанинот кој не е радосен не е вистински христијанин


Бог влезе во историјата за да нѐ ослободи од ропството на гревот, да ги излекува нашите повреди, да ги завитка нашите рани и да ни даде нов живот, а радоста е плод на таа постапка и на Божјата љубов – рече папата Фрањо на пладневниот наговор на 11 декември 2016 година на плоштадот Свети Петар.

Светиот Отец потсети на повикот на свети Павле во третата недела од Божиќниот пост позната како и недела Gaudete: „Радувајте се секогаш во Господа, и пак ќе речам: радувајте се! Господ е близу!“ (Филипјани 4, 4-5)

Не е таа површна или некоја чисто емотивна среќа – продолжи Папата – ниту е тоа световна среќа или она потрошувачката, туку таа е автентична радост чиј вкус сме повикани да го откриеме од ново. Тоа е радост која ја допира длабочината на нашето битие, додека го исчекуваме оној кој веќе донесе спасение на светот, ветениот Месија, роден во Витлеем од Дева Марија. Службата на Словото ни нуди соодветен контекст за да ја разбереме и да ја доживееме таа радост. Исаија говори за пустињата, сувата земја, ненаселената земја (35, 1); пророкот пред себе има ослабени раце, колена што треперат, преплашено срце, слепи, глуви и неми (ред 3-6). Тоа е слика на духовна суша, неумолива судбина без Бог – рече папата Фрањо.

И тогаш се појавува спас: „Бидете цврсти, не плашете се: ете, вашиот Бог (...) Он ќе дојде и ќе ве спаси“ (Исаија 35, 4). Оддеднаш сѐ се менува: пустината цвета, утеха и радост го исполнуваат срцето (ред 5-6) – рече Светиот Отец. Сите знаци кои ги навестува Исаија, своето исполнување го наоѓаат во личноста на Исус Христос кој на учениците на Иван Крстител им одговра: „Слепи прогледуваат и сакати проодуваат; лепрозни се очистуваат и глуви прослушуваат, мртви воскреснуваат“ (Мт 11, 5). Папата смета дека тоа не се само зборови, туку Исус со дела покажува како спасението кое го донесува го зафаќа и опфаќа целото човечко битие. Бог влезе во историјата за да нѐ ослободи од гревот, да ги повие и излекува нашите рани и да ни даде нов живот. Радоста е плод на тој спасителски зафат и на Божјата љубов – рече папата Фрањо.

Повикани сме да се препуштиме на чувството на славење и радост. (...) Христијанинот кој не е радосен, тогаш нешто му недостасува на тој христијанин, не е христијанин! Радоста на срцето, внатрешната радост која нѐ турка напред и нѐ охрабрува. Господ доаѓа во нашиот живот да нѐ ослободи од внатрешните и надворешните наврзаности – рече Светиот Отец. Тој истакна дека токму Господ ни го покажува патот на верноста, трпеливоста и упорноста за да биде целосна нашата радост преку неговото повторно доаѓање. Папата истакна голем број надворешни знаци – на улиците, во нашите домови, па и во јаслите и божиќното дрво на плоштадот Свети Петар – упатуваат токму на тоа.

Тие надворешни знаци нѐ повикуваат да Го прифатиме Господ Кој секогаш доаѓа и чука на нашата врата; нѐ повикуваат да ги препознаеме Господовите чекори меѓу оние браќа кои поминуваат покрај нас, посебно меѓу најслабите и оние во потреба – рече Папата и на крајот од наговорот ги повика луѓето да се радуваат заради претстојното доаѓање на нашиот Спасител и таа радост да ја делат со другите пружејќи им утеха и надеж на сиромашните, болните, на сите луѓе кои се сами и несреќни.

Во вториот дел од пладневната молитва папата Фрањо се осврна на состојбата во Сирија изразувајќи му на народот на таа земја посебна наклонетост и молитвена близина. Светиот Отец истакна дека Алепо е град во кој се наоѓаат луѓе: семејства, деца, стари и болни луѓе, а изгледа како веќе да сме се навикнале на војната. Потсети на тоа дека Сирија е земја полна со историја, култура и вера и не е прифатливо сето тоа да се поништи со војна. Светиот Отец до сите упати апел да се заземат за да се направи цивилизиран избор; да се каже НЕ на уништувањето; да се каже ДА на мирот и ДА на Алепо и на сирискиот народ.

Папата исто така повика на молитва за жртвите од терористичките напади кои последните часови погодија различни земји во светот. Иако местата на нападите е различно, сепак заедничко им е насилството кое сее смрт и уништување. Еден и ист е одговорот на тоа: верата во Бог и единството во човечките и цивилизираните вредности.

Папата рече дека во Лаос денес за блажени се прогласени Марио Борзага свештеник со уште 15 другари – маченици погубени од омраза кон верата. Нека нивната херојска верност на Христос ни биде пример и охрабрување за мисионерите, а посебно за катехистите кои во мисионерските земји извршуваат скапоцено и незаменливо апостолско дело, за што им се заблагодарува целата Црква.

Светиот Отец потоа ги поздрави ходочасниците, прво обраќајќи се на децата кои се дојдени за традиционалниот благослов на Детето Исус во организација на парохиските оратории и католичките училишта од Рим. „Драги деца кога со своите родители ќе се молите пред јаслите замолете Го малиот Исус да ни помогне на сите да го љубиме Бог и ближниот. Но, сетете се да се помолите и за мене но и јас ќе се сетам на вас“ – рече на крајот Светиот Отец.

РВ/к.мк








All the contents on this site are copyrighted ©.