2016-12-09 10:31:00

Белгиски католички весник објави разговор со Папата


Во разговор за белгискиот католички весник „Tertio“, Светиот Отец говореше за плодовите на Јубилејот на милосрдието, за здравиот секуларизам, за младите и за Европа и за синодалноста на Црква и средствата за известување, а на крајот на свештениците им даде неколку совети.

Многу е стара поставката која од јавниот живот има намера да ја отстрани религијата – рече Папата говорејќи за разликите помеѓу секуларизмот и лаицизмот. Истакна дека лаицизмот не е добар затоа што ја „затвора вратата на трансценденцијата.“ Лаицизмот е наследство од просветителството. Отворањето за трансценденцијата е важна човечка компонента. Кога некој политички систем не ја почитува таа компонента, тогаш ја „заробува“ човечката личност. Затоа затворањето на трансцеденцијата во сакристијата е осакатување на човечкиот живот – истакна папата Фрањо.

Одговарајќи на прашање за војните и верскиот фундаментализам истакна дека „религијата како таква не може да поттикнува војна“ затоа што во тој случај би го навестувала богот на уништувањето, богот на омразата. Папата повторно истакна дека не може да се војува во Божјо име, ниту во име на религијата, затоа што не може да постои однос помеѓу тероризмот, војната и религијата. Тој рече дека во сите религии има фундаменталистички групи. Тие групи ја изопачуваат религијата, внесуваат поделби во заедницата што е еден вид на војна.

Говорејќи за Европа нагласи дека од Првата светска војна сѐ уште сме во светска војна, но „во делови“. Говориме „никогаш повторно војна“, а произведуваме оружје и го продаваме на оние кои се борат за интересите на производителите на оружје. Крвопролевањето е цената на војната. На денешна Европа ѝ се потребни лидери како Шуман, Де Гаспери и Аденауер, кои биле против војната – рече Светиот Отец.

Осврнувајќи се пак на неодамна завршената Година на милосрдието, Папата рече дека идејата му дошла ненадејно, а поаѓал од она што го направиле блажен Павле VI и свети Иван Павле II. Потсети дека за тоа разговарал со надбискупот Физикела, претседател на Папскиот совет за нова евангелизација, а идејата дошла „од висините“, верувам дека ја вдахна Светиот Дух – истакнува Папата.

Настанот помина многу добро, а бидејќи не се одвиваше само во Рим, туку во целиот свет „создаде многу големо движење.“ Многумина се почувствуваа повикани на помирување со Бог, за да ја почувствуваат Божјата благодат. Милосрдието, истакна Папата, е скапоцен дар кој бесплатно се дава. Прошката не може да се купи. Скапоцен е затоа што е голем дар, а Божјото име е милосрдие – истакна Светиот Отец.

Говорејќи за синодалноста на Црквата потенцира дека Црквата се „раѓа како заедница“. Во синодската Црквата Папата е Петар кој ја придружува Црквата. Последната синода за семејството вроди со многу богато искуство од кое се роди Amoris Laetitia. Синодалноста значи дека врвот не треба да одлучува, туку треба да ја слуша Црквата, усогласувајќи и расудувајќи, речеПапата додавајќи:

На синодите секој можеше да каже што мисли, никој не се плашеше од осуда. Синодата беше братска расправа. Петар е гарантот за црковното единство, а треба да се напредува во синодалноста која православните ја сочувале. Осврнувајќи се на младите, Папата рече дека не треба да се плашат. Тој ги поттикна да не се срамат од верата и на барање на нови патишта и со дваесет години да не одат во пензија.

Говорејќи за средствата за информирање истакна дека нивната одговорност е голема како и улогата во обликувањето на јавното мислење. Тој истакна дека средствата за информирање се градители на општеството. Тие сами по себе се позитивни, но можат да бидат и многу штетни. Тие се изложени на искушенијата на лажење и озборување. Измамата веројатно е најголемата штета која можат да ја направат. Осврнувајќи се на свештениците ги поттикна на побожност кон Блажена Дева Марија, никогаш да не се чувствуваат сираци, а во браќата да го бараат Христос Кој страда. Свештениците не треба да се срамат од нежност. Во светот кој страда од кардиосклероза, потребна е револуција на нежноста – заврши Папата.

РВ/к.мк








All the contents on this site are copyrighted ©.