2016-12-02 10:00:00

Папата: Да се спречи „одливот на мозоци“


Со можности за вработување можно е да се избегне т.н. „одлив на мозоци“. Тоа една од мислите на папата Фрањо на аудиенцијата на која прими 150 учесниците на IV светски конгрес за пасторал со студенти.

Зајакнувајќи ги социјалните вештини, се зајакнува довербата во себе и во другите, се шират хоризонтите како и визијата за иднината, а се раѓа желбата заедно да го градиме општото добро – рече папата Фрањо на учесниците на IV Светски конгрес за пасторал со студенти во организација на Папскиот совет за пасторал со мигранти и патници. Конгресот ги обработува прашањата за моралните предизвици, имајќи го во предвид здравјето на општеството.

Во денешно време не е лесно да се бориш за потврда на вистината и вредностите, посебно кога станува збор за млада личност. Но со Божја помош и искрена желба да се прави добро, сите пречки можат да бидат надминати – порача Папата и продолжи: Не се плашете пред предизвиците, туку настојувајте околу градењето на почовечки свет. Немојте да се откажете и не давајте да се обесхрабрите затоа што Духот Христов ќе ве води, ако го слушате неговиот глас.

Папата повика на современото сфаќање на интелектуалците – кое е насочено кон самоостварување и лично признание, а притоа не се зема во предвид ближниот – да се спротивставиме со солидарен модел: интелектуалци кои работат за општото добро и за мир. Тоа е единствениот начин кога интелектуалецот станува способен за градење на поздраво општество – рече Папата и продолжи: Кој има дар за студирање има одговорност да служи за доброто на човештвото. Знаењето е привилегиран пат за целосен развој на општеството и да се биде студент во странска земја, во поинаков културен хоризонт ви овозможува поглед на светот од поинаква перспектива и без страв да се отворите за другиот и различното. Така вие и оние кои ве примаа, стануваат толерантни и гостољубиви – смета Светиот Отец.

Образовните институции ја обликуваат совеста за еден посолидарен развој и за спроведување на „евангелизација на интердисциплинарен и целосен начин (“Evangelii gaudium, 134) – рече Папата и истакна: Затоа ве повикувам вас, наставниците и пасторалните работници, во младите луѓе да всадите љубов кон Евангелието, желба тоа конкретно да се живее и да се навестува на другите. Времето во странство треба да биде можност за личен и интелектуален развој на студентот, кој по враќањето во својата земја ќе даде важен придонес за општетсвото и ќе ја навестува радоста на Евангелието. Затоа неопходно е образование кое учи на критички начин на размислување и нуди процес на созревање во вредностите за да се формираат млади луѓе кои се жедни за вистина, а не за моќ, подготвени да ги бранат вредностите и да го живеат милосрдието и љубовта, основните столбови на здравото општество – порача Папата.

На младите личното и културното збогатување им го олеснува влезот во светот на работата и им обезбедува место во заедницата за да станат нејзин составен дел – рече Светиот Отец. Општетсвото од своја страна е повикано на новата генерација да им понуди одржливи работни места за да се спречи „одлив на мозоци“. Ако некој слободно избере да отиде во странство заради работа или специјализација тоа е добро; но – смета – жално е да се гледаат млади кои се присилени да ја напуштат својата татковина, затоа што има недостасуваат можности за да го дадат својот придонес.

Папата говореше и за позитивните и за негативните аспекти на глобализацијата. Таа придонесува за рушење на просторно-временските граници, поттикнува на средба и културна размена, но исто така постои и негативна страна: затворање, одбранбен механизам пред различноста, внатрешни ѕидови кои не дозволуваат да ги гледаме братот или сестрата во очи и да ги забележиме нивните вистински потреби. Папата Фрањо овој вид на глобализација го нарекува „глобализација на рамнодушноста.“

Светиот Отец изрази надеж дека студентите кои студираат во странство, кои живеат во различни контексти, од оној кој го познаваат ќе развијат исклучителна способност за прилагодување, ќе учат да бидат чувари на браќата и заедничкиот дом за светот да стане хуман. Конкурсите за формација на вас младите можат да ве насочат по тој пат, а тоа е остварливо секогаш со актуелна свежина и смелоста на Евангелието за да станете нови навестители на Евангелието кои се подготвени да го запалат светот со Христовата радост – порача на крајот од говорот папата Фрањо.

РВ/к.мк








All the contents on this site are copyrighted ©.