2016-11-25 11:00:00

Папата: Корупцијата е еден вид на богохулење


Корупцијата е еден вид на богохулење кое води до обожавање на парите и искористување на другите – рече папата Фрањо на светата Литургија на 24 ноември 2016 година во домот Света Марта.

Размислувајќи за денешните читања кои говорат за крајот на светот, судот и откупувањето на Божјиот верен народ, Папата говореше за корупцијата која доведува до пропаст на големиот град Вавилон.

Корупцијата е богохулен начин на живеење – предупреди Светиот Отец – тоа е јазикот на Вавилон и световен живот. Корупцијата е облик на богохулење каде го нема Бог, туку постојат боговите на парите и благосостојбата преку искористувањето на другите. А сепак оваа световност која ги заведува моќниците ќе биде уништена како што ангелот во Книгата Откровение победнички повикал најавувајќи го падот на Вавилон, тоа царство на суетата, гордоста и злото.

Во контраст со овој победнички висок глас на ангелот со кој го навестува падот на расипаната цивилизација – продолжи Папата – стои силниот глас на силното мноштво кое го слави Бог говорејќи: „Спасение и слава, чест и сила на нашиот Бог!“ Тој е гласот на Божјиот народ кој ќе биде спасен. Тие се грешници, но не се расипани. Грешник кој знае како да праша за прошка и да бара спасение во Исус Христос, учи како да го слави Бог, иако ова не е лесна задача за христијаните. Знаеме да го бараме Бог за нешто – рече Папата – но мораме да научиме како да го славиме Бог. И подобро тоа да го научиме сега отколку да го учиме на брзина кога ќе дојдат последните времиња. Папата ја истакна убавината на молитвата пред Светохранилиштето и тоа со едноставни зборови: „Ти си Бог, а јас сум бедно дете кое ти го љубиш.“

Светиот Отец каистакнажа дека постои и трет глас и тоа глас на ангел за кој свети Иван говори: „Блажени се поканетите на свадбената вечера при Агнецот.“ Овој повик не е крик, туку нежен глас кој говори во срцето – рече Папата – како тогаш кога Господ се обратил на пророк Илија. Кога Бог му говори на моето срце на ваков начин тогаш тоа е како здив на ветар. Според Исусовата парабола овој повик на свадбената вечера ќе биде нашето спасение. Ќе бидат повикани и добрите и злите, слепите, глувите и хромите, сите ние грешници кои имаме доволно понизност во срцата да кажеме: „Грешник сум и Бог ќе ме спаси.“

Делот од денешното Евангелие завршува со потсетување дека „кога ќе почне тоа да станува“ – односно кога ќе бидат уништени гордоста и суетата – „исправете се и подигнете ги главите свои, зашто се приближува вашето спасение.“ Нека Господ ни даде милост – рече на крајот на проповедта папата Фрањо – да се подготвиме и да го послушаме гласот кој ни говори: „Дојди верен слуго – грешен, а повторно верен – дојди на свадбената гозба на својот Господ.“

РВ/к.мк








All the contents on this site are copyrighted ©.