2016-11-15 18:12:00

Човекот пред себе треба да го љубам како што Бог го љуби


Човекот пред себе треба да го љубам како што Бог го љуби, независно од неговиот социјален статус, јазик, раса, култура и религија – порача папата Фрањо на плоштадот Свети Петар на 12 ноември 2016 година на последна јубилејна аудиенција во оваа Света година.

Папата ја искористи оваа можност за да претстави еден важен аспект на милосрдието – вклученоста, затоа што „Бог во својот план на љубовта не сака да исклучи никој, а сака да ги вклучи сите.“

Светиот Отец рече дека преку Крштението стануваме деца на Отецот во Христос, делови на Христовото тело, кое е Црквата. „Ние христијаните – продолжи Папата – сме повикани да ги искористиме овие исти критериуми: милосрдието означува таков начин на делување со кој ќе настојуваме да ги вклучиме другите во нашите животи, избегнувајќи затворање во себе и во својата себична сигурност.“

Папата напоменува дека Исус во Евангелието според Матеј нуди вистински универзален повик: „Дојдете при мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам“ (11, 28). „Никој не е исклучен од овој повик – истакна Светиот Отец – затоа што Исусовата мисија е да се открие на сите љубовта на Отецот. На нас е да го отвориме своето срце, да имаме доверба во Исус и да ја прифатиме оваа порака на љубовта преку која влегуваме во таинството на спасението.“

Папата Фрањо порача дека вклученоста се покажува во раширените раце кои прифаќаат без исклучување. Нема овде класифицирање на другите според нивниот социјален статус, јазикот, расата, културата или религијата: пред мене е личност која треба да ја љубам како што љуби Бог – рече Папата.

Папата сака да си го поставиме прашањето за да утврдиме дали сме милосрдни и дали вклучуваме: Дали нашето срцето е милосрдно? Дали нашиот начин на размислување и делување вклучува? Светиот Отец истакна дека Евангелието нѐ повикува „да го препознаеме во историјата на човештвото планот на еден голем план за вклучување кој – во целост почитувајќи ја слободата на секој човек, секоја заедница, секој народ – ги повикува сите да обликуваат едно семејство на браќа и сестри во правдата, солидарноста и мирот и да бидат дел од Црквата која е тело Христово.“

„Колку се вистинити Исусовите зборови – продолжи Папата – со кои ги повикува изморените и исцрпените да дојдат кај него за да пронајдат одмор! Неговите раширени раце на крстот покажуваат дека никој не е исклучен од неговата љубов и неговото милосрдие, па ниту најголемиот грешник: никој! (...) Простувањето е најнепосредниот начин за да почувствуваме дека Бог нѐ прифатил. Сите ние треба да се среќаваме со браќата и сестрите кои ни помагаат да одиме кај Исус, да се отвориме за дарот кој ни е даден на неговиот крст“, рече папата Фрањо и катехезата ја заврши со следните зборови:

„Да не си пречиме едни на други! Да не исклучуваме никој! Всушност со понизноста и едноставноста стануваме оружје за вклување во милосрдието на Отецот. Светата Мајка Црква му нуди на светот голема прегратка на Христос Распнатиот и Воскреснат. И овој плоштад со своите колонади ја симболизира таа прегратка. Да се ангажираме во оваа движење за вклучување на другите за да бидеме сведоци на милосрдието со кој Бог секој од нас го прифаќа.“

РВ/к.мк








All the contents on this site are copyrighted ©.