2016-11-11 09:05:00

Папата Фрањо: Единството на христијаните е Божји дар


Единството на христијаните била е и е една од моите главни грижи и се молам сите христијани да имаат удел во тоа – порача папата Фрањо во својот говор на 10 ноември 2016 година во салата Клементина до учесниците на пленарното заседавање на Папскиот совет за промовирање единство на христијаните.

Средбата под наслов „Единство на христијаните: модел за полно единство?“ трае од 8 до 11 ноември.

Папата се присети на многу средби кои изминатите години ги имал со поглаварите на другите христијански заедници. На посебен начин се осврна на неодамнешната посета на Лунд во Шведска, каде учествуваше на одбележувањето на 500 годишнината од реформацијата. Таа посета го потсети на т.н. „Препораки од Лунд“ кои се формулирани од Екуменскиот совет на црквите во 1952 година. Во нив стои дека „црквите треба заедно да соработуваат во сѐ, освен за оние прашања каде длабоките разлики во уверувањата ги принудуваат да делуваат одделно“.

Папата Фрањо истакна дека единството на христијаните е неопходен услов за нашата вера, пат на лично и заедничко обраќање на Христовата волја. Предупреди на три погрешни модели на заедништво. Прв таков погрешен модел е сфаќањето дека единството се постигнува со нашите сопствени напори или дипломатија:

„Единството – истакна Светиот Отец – е Божји дар и нашата задача е да го прифатиме тој дар и да го покажуваме на другите. Повеќе од цел единството е патот по кој заедно одиме трпеливо, одлучно, посветено и со труд, свесни дека сите ние сме грешници на кои ни е потребно бескрајното Божјо милосрдие. Сетете се кога заедно работиме, молиме и им служиме на оние во потреба, веќе сме обединети.“

Вториот погрешен модел според папата Фрањо е моделот на униформноста: „Кога теолошките, литургиските, духовните и канонските разлики се вистински вкоренети во апостолската традиција – рече папата Фрањо – тие тогаш не се закана, туку уште повеќе богатство за единството на црквата. Обидот да се потиснат таквите разлики – како што тоа се случувало во минатото – значи да се делува против Светиот Дух Кој ги збогатува различните христијани со различни дарови.“

На крајот Светиот Отец предупреди за сфаќањето на единството како асимилација, модел на „враќање во минатото“. Папата истакна дека никој не смее да ја негира историјата на својата вера, ниту не смее да се толерира прозелитизмот, тој „отров за екуменскиот пат.“ Вистинскиот екуменизам – заклучи Папата – се случува кога не се фокусираме толку на нашите аргументи и формулации, туку на Словото Божјо кое од нас бара да го слушаме, прифатиме и да го сведочиме на светот.

РВ/к.мк








All the contents on this site are copyrighted ©.