2016-11-09 11:18:00

Приказната на парохот од Алепо


„Моментот пред разденувањето. Хроника за војната и надежта во Алепо“ е насловот на книгата на фра Ибрахим Алсабаг, парох во латинската црква Свети Фрањо во Алепо која на 27 октомври е промовирана во Рим.

Објавената книга проповеда за секојдневниот живот во Алепо, каде и покрај безнадежноста и смртта, на сите кои не побегнале фратрите настојуваат да им помогнат колку што можат во храна, лекови и со човечка и духовна утеха. Фра Ибрахим Алсабаг во таа книга сака да ги раскаже стравовите од војната во Сирија, ден по ден како дневник за сите луѓе да се запознаат со страдањето на оние кои таму живеат, но и со знаците на надеж кои оставаат отворена можност дека наскоро ќе дојде до зората на мирот.

Состојбата е драматична. Нема зборови со кои може да се опише што се случува во Алепо – вели фра Ибрахим во разговор за Радио Ватикан. Живот без електрична енергија, често и без вода, со 80% невработени и со многу висока цена на храната. Освен тоа овде се и бомбите кои паѓаат на училиштата, болниците, црквите, џамиите, но и на становите и улиците. Не се гледа излез од таа ситуација, а за Алепо нема ниту воено решение. Меѓутоа сите страни се уверени дека сѐ ќе се заврши токму со воено решение – рече парохот.

И покрај толку тешката состојба фра Ибрахим никогаш не посакал да ја напушти својата парохија и своите верници, па дури ниту тогаш кога бомба паднала на кровот на црквата додека служел света Литургија. Во моментот на Причеста на најпосетената неделна вечерна света Литургија на црквата падна проектил – раскажува парохот. Истрелана токму со намера да ја погоди куполата за да предизвика масакр на стотици жртви. Меѓутоа ракетата чудесно се одби од куполата и се распрсна на настрешницата која целосно се уништи. Бевме тероризирани, тажни, но истовремено со лесни рани и веднаш продолживме по патот на верата и надежта – истакна фра Ибрахим.

Осврнувајќи се на состојбата на христијаните кои се малцинство и често се жртви на неправди и злосторства, парохот од Алепо рече дека голем проблем е иселувањето, меѓу кои голем број се христијаните, кои се сѐ помалку. За градење на мир недостасува еден многу важен фактор, а тој е солидарноста и соживотот меѓу народите.

Заради тоа и ние се бориме – додаде – го охрабруваме народот, со дела им помагаме преку проекти со хуманитарна помош и за да не бидат приморани да ги напуштат своите домови, својата земја, својата култура, туку да останат тука на Блискиот Исток. Сакаме да бидеме посредници на мирот, љубовта и сакаме да подигнеме мостови на помирување на сите страни – истакна фра Ибрахим.

На новинарско прашање колку на луѓето кои живеат на тие места им е важно присуството на Папата фра Ибрахим истана дека народот го чувствува папата Фрањо како да живее таму со нив секој ден. Го чувствуваме многу близок преку неговите бројни интервенции; го чувствуваме и преку хуманитарната помош која ни пристигнува во името на целата Црква, за сите жители не само за христијаните. Го чувствуваме токму како да е присутен меѓу нас, дека страда со нас, дека ја дели со нас нашата судбина. Чувствуваме многу сочувство и солидарност од народите од целиот свет – рече на крајот парохот од Алепо.

РВ/к.мк








All the contents on this site are copyrighted ©.