2016-11-01 10:42:00

Халдејскиот патријарх Сако во посета на ослободените села


Халдејскиот ирачки патријарх Сако на 26 октомври 2016 година ги посети ослободените села кои беа под управа на самонаречената Исламска држава.

Ирачката армија и курдските герилци (Пешмерга) полека напредуваат кон Мосул, во Ирак; Високиот комесаријат на Обединети народи за човекови права пак известува дека џихадистите во борбата користат 8.000 семејства како жив штитови. Околу Мосул се случува вистинска хуманитарна драма, имено најмалку 15.000 луѓе лутаат, барајќи барем некакво засолниште. Халдејскиот ирачки патријарх Сако на 26 октомври 2016 година ги посети ослободените села кои беа под управа на самонаречената Исламска држава.

Осврнувајќи се на својата посета на ослободените села во разговор за Радио Ватикан патријархот рече дека со помошниот епископ и со неколку свештеници и верници ги посетил селата во Нинивската долина каде живееја христијани. Го посетивме Бартел, Кармлес потоа градот Бахдида каде живееја околу 40.000 христијани и Телескоф, Бакофа и Батани. Урнатини има многу, мислам дека 30% од зградите се уништени. Црквите се запалени, осквернети, по ѕидовите има натписи против христијаните, но не се срушени, а тоа е многу важно. И улиците се уништени, ни требаше дванаесет часа за да одиме и да се вратиме – истакна патријархот Сако.

На прашање дали се гледат злосторствата на џихадистите истакна дека христијаните во нинивските села живеат со надеж, но и во голем страв. Ако го нападнат Мосул или ако сѐ уништат, луѓето од Мосул, а главно се сунити би можеле да се населат во овие села, а тоа би било голема трагедија. Се заземаме тие да одат во бегалски логори кои за нив се подготвени. Заради Мосул сите стравуваат, би можело да дојде до големи крвопролевања – рече патријархот.

На прашање за реакциите на христијаните за успехот на ирачката армија рече дека со голема радост се прифатени добрите вести; христијаните славеа. Проблем се мините кои треба да се отстранат, потоа да се исчистат урнатините за луѓето да можат да отидат и да видат што останало од нивните домови, да можат да го планираат своето враќање кое за сега е многу тешко и опасно. Ниту ние не можевме да одиме понатаму затоа што сѐ е минирано. Џихадистите ископале километарски тунели, сето тоа треба да се исчисти – рече патријархот Сако.

На забелешка дека на црквите се вратени крстовите и црковните ѕвона повторно бијат, патријархот рече дека се надева христијаните набрзо да се вратат во своите села. Пред да тргнеме во посета на Нинивската долина заедно молевме. Народот сака да се врати, но луѓето мора да бидат безбедни. Војната сѐ уште не е завршена, а Мосул е главниот проблем.

На прашање дали се плашеле за да поминат низ урнатините истакна дека оделе со оклопни возила и дека ги придружувале војници. Се сретнавме со генерали – сунити, шиити, курди - беа многу многу гостољубиви. Нашата посета многу ги развесели; тие на црквите ги поставија крстовите. Многу сме горди на оваа победа; ова е ирачка земја, селата се христијански, ова е нашата историја и ние се враќаме. Генералите кажаа дека ќе направат сѐ што е можно за христијаните да се вратат. По зборовите очекуваме дела – заврши патријархот Сако.

РВ/к.мк








All the contents on this site are copyrighted ©.