2016-10-24 10:01:00

Папата: Жалосно е кога свештеникот живее само за себе


Примајќи ги учесниците на Меѓународната средба за пасторал за звања, на 21октомври 2016 година папата Фрањо ги поттикна свештениците да се вдахнуваат од повикот на Матеј. Исус излегува, гледа и повикува. Не преставува некоја програма, туку гледа со љубов и разбудува желба за да Го наследуваат.

Пасторалот за звања не е подготвување на некој предлог, туку е средба со Господ – е главната мисла во говорот на Папата до учесниците на Меѓународната средба за пасторал за звања, кој се одржува во Ватикан на иницијатива на Конгрегацијата за клер. На 21 октомври 2016 година во Ватикан папата Фрањо прими повеќе од 250 учесници и ги поттикна да го имитираат Исусовиот стил, да бидат пастири среде народот, милосрдни и способни да слушаат.

Толкувајќи го пасторалот за звања, Папата се осврна на сцената од Евангелието за повикот на Матеј. Најпрво Исус излегува за да проповеда, потоа го гледа цариникот Левиј и го повикува. Да се излезе, да се види, да се повика се три зборови кои се овоплотени во динамиката на пасторалот за звања – истакна Папата и потсети дека мотото на неговиот понтификат „Miserando atque eligendo“ (Му се смилува и го избра), а таа тема на спомнатата средба се однесува токму на повикот на Матеј. Мотото е тоа кое потсетува на деновите на младоста на Папата, кога го почувствувал Господовиот повик; но – истакна папата Фрањо – не после некоја конференција, туку заради тоа што ја почувствував Исусовата милосрдна љубов.

Убаво е што дојдовте овде од сите страни на светот за да размислувате на таа тема, но ве молам нека сето тоа не заврши само со една убава средба! Пасторалот за звања значи да се научи стилот на Исус кој поминува на местата на секојдневието, застанува не брзајќи се, милосрдно гледа на браќата и ги води на средба со Бог Отецот – рече Светиот Отец.

Треба да се излезе и да ги слушнете младите. Тоа не е задача како онаа во канцеларија

Пред сѐ треба да се излезе. Потребна е Црква во движење која не останува затворена во удобните пасторални критериуми како „секогаш така се работело“ – потсети Папата и истакна дека напротив треба да бидеме смели и креативни и да излеземе од суровоста и стандардизираните формули кои често се застарени. Папата тоа најмногу го побара од пастирите на Црквата, од епископите и свештениците.

Вие сте главни и одговорни за христијанските и свештеничките звања, а таа задача не може да се затвори во чиновничка канцеларија – рече Папата и поттикна, затоа пастирите да го направат токму тоа: да излезат, да ги слушнат младите и да им помогнат да размислуваат. Жалосно е – додаде папата Фрањо – кога свештеник живее само за себе, затворајќи се во сигурната тврдина на канонската куќа. Напротив повикани сме да бидеме пастири среде народот, способни да поттикнеме пасторал на средба и да го потрошиме времето во прифаќање и слушање на сите луѓе, а посебно на младите.

Пастирот треба да го има Исусовиот милосрден поглед

Вториот важен елемент за папата Фрањо е „да го види“ и тоа не подлегнувајќи на брзањето или „организираниот“ активизам. Напротив треба да се пронајде време за средба со луѓето. Станува збор за „miserando“ имено ја изразува токму прегратката на очите и срцето. Така Исус гледал на Матеј и тој цариник конечно не почувствува поглед на презир, туку поглед на љубов. Пастирот треба да биде внимателен, не брзоплет, треба да биде способен да застане и да се загледа во длабочината, и тоа така што личноста да не се почувствува судена.

Пастирот треба да има поглед кој предизвикува восхит за Евангелието, поглед за расудување кој ги следи луѓето, не присвојувајќи ја нивната совест и да не сака да ја контролира Божјата милост. Папата Фрањо пред сѐ сака расудување без површност. Потребно е будност и внимателност. На Црквата и на светот му се потребни зрели и урамнотежени свештеници, бестрашни и великодушни пастири, способни за близина, за слушање и милосрдие – истакна Папата.

Исус не претставува некоја програма

Третата најважна работа е „да повикува“, збор типичен за христијанскиот повик. Исус не држи долги говори, не претставува некоја програма во која треба да се пристапи, не остварува прозелитизам, ниту нуди однапред подготвени одговори. Обраќајќи му се на Матеј му вели само: Врви по Мене! На тој начин кај него буди интересирање за откривање на новата цел, отворајќи го својот живот за „место“ кое оди понатаму од неговата клупа.

Светиот Отец затоа поттикна верата да не се сведува на книга со рецепти или на збирка правила, туку треба – според зборовите на Папата – да се тргне на пат и да се открие радоста на Евангелието. Папата Фрањо знае дека тоа не е лесна задача и резултатите можат да бидат слаби и така да се обесхрабриш, но – напомена – Господ ни дава храброст да ги фрлиме мрежите и тогаш кога сме изморени и разочарани затоа што ништо не сме уловиле. На крајот папата Фрањо ги поттикна епископите и свештениците радосно да сведочат колку е убаво својот живот засекогаш да го даруваш на Господ.

РВ/к.мк








All the contents on this site are copyrighted ©.