2016-10-24 10:09:00

Папата: Дијалот е израз на љубовта


Дијалогот им овозможува на луѓето да се запознаат и да си ги разберат потребите едни со други – порача папата Фрањо на Јубилејната аудиенција на 22 октомври 2016 година на плоштадот Свети Петар.

Делот од Евангелието според Иван во кој ја гледаме средбата на Исус со Самарјанката, го поттикна Папата да размислува за еден многу важен аспект на милосрдието, кој е токму дијалогот.

Светиот Отец истакна дека дијалогот ни овозможува да ги запознаеме, разбереме и почитуваме другите. Исто така дијалогот е израз на љубовта затоа што – иако не ги занемарува разликите – може да помогне во пронаоѓањето и споделувањето на општото добро. Освен тоа дијалогот помага секоја личност да ја гледаме како дар Божји.

Исто така папата Фрањо предупреди дека дијалогот со другите често изостанува затоа што не слушаме или се стремиме кон докажувње дека ние сме во право. „Вистинскиот дијалог бара моменти на „тишина“, порача Папата и продолжи:

„Дијалогот им помага на луѓето да ги направат односите човечки и да ги надминат недоразбирањата. Постои голема потреба за дијалог во нашите семејства и колку прашања би можело да се решат ако се научиме да се слушаме едни со други! Така е во односот меѓу мажот и жената; така е меѓу родителите и децата. Колку само може да помогне дијалогот помеѓу учителот и неговите ученици или помеѓу менаџерот и работниците.“

Светиот Отец кажа дека единствено со дијалог може вистински да го разбереме другиот и неговите потреби и заедно да работиме за доброто на општеството и да се грижиме за нашиот заеднички дом. Дијалогот помеѓу религиите може да даде вистински придонес за градење на свет на мир, братство и солидарност.

Сите облици на дијалог ја донесуваат Божјата љубов. Бог во секој од нас го посеал семето на добрина за да може да учествува во неговото создателско делување. „Дијалогот ги руши ѕидовите на поделби и недоразбирања; дијалогот гради мостови на комуникација и не дозволува никој да се изолира да се заклучи во свој мал свет,“ рече Папата и продолжи:

„Исус добро знаел што се наоѓа во срцето на Самрјанката, големата грешница; сепак не ѝ забранил да се изрази, ѝ дозволува да зборува до крај и постепено влегува во таинството на нејзиниот живот. Ова „учење“ се однесува и на нас. Преку дијалогот можеме да растеме и да станеме знаци на Божјото милосрдие и да станеме инструменти на прифаќање и почитување,“ порача на крајот на катехезата папата Фрањо.

РВ/к.мк








All the contents on this site are copyrighted ©.