2016-10-03 10:09:00

Папата Фрањо: Секој може да биде миротворец


На 29 септември 2016 година папата Фрањо прими претставници од различни католички хуманитарни агенции и каритативни организации под водство на Папскиот совет Cor unum кој делуваат во Ирак, Сирија и другите земји во регионот и кои се погодени од постојаните конфликти во тие земји.

Папскиот совет Cor unum е посебна Папска алатка за спроведување на хуманитарни иницијативи, промовирање на интегриран човечки развој, координирање на иницијативите на католичките организации и поттикнување на верниците да даваат конкретно сведоштво на Евангелието во каритативната дејност.

Светиот Отец по благодарноста до присутните кои дојдоа, истакна дека „со голема жалост мораме да утврдиме дека и покрај сите наши напори, логиката на оружјето и угнетувањето, мрачните интереси и насилството и понатаму ги уништуваат тие земји и дека се до сега не успеа да се стави крај на исцрпувачкото страдање и натамошно кршење на човековите права.“ Како последица на кризата Папата го наведе сериозниот феномен на миграција и продолжи:

„Насилството раѓа насилство и прави да сме зафатени од виорот на ароганцијата и инерцијата од кои нема излез. Ова зло кое ја зафаќа нашата волја и совеста треба да нè предизвика. Зошто човекот тежнее да ја злоупотреби моќта, за освета и насилство и покрај страшната штета за луѓето, имотот и околината?“

Тој потсети на нападот на хуманитарниот конвој на Обединетите нации и рече: „Тоа е искуство mysterium iniquitatis, злото кое е присутно во човекот и историјата и кое треба да биде откупено,“ а одговорот на „драмата на злото лежи во таинството на Исус Христос“, порача папата Фрањо.

Светиот Отец истакна дека токму нивните хуманитарни и каритативни организации се одраз на Божјото милосрдие, знак кој покажува дека злото е ограничено и дека го нема последниот збор. Се заблагодари и на бројните анонимни луѓе – но кои на Бог не му се непознати – кои посебно во оваа Јубилејна година „молеа во тишина и се застапуваа за жртвите од конфликтите посебно за децата и слабите и на тој начин ја поддржуваат и вашата работа.“

Светиот Отец нагласи дека браќата и сестрите во Сирија и Ирак сакаат мир и не смееме да се измориме да бараме од меѓународната заедница поголеми напори за постигнување на мир на Блискиот Исток. Но, исто така „ставањето крај на конфликтот е во рацете на секој од нас“ и „секој може и треба да биде миротворец“. Потоа Папата повика на секојдневна молитва за луѓето на власт за да можат да ги отфрлат поединечните интереси заради постигнувањето на поголемо добро – мирот.

Папата се заблагодари на меѓународната заедница, а посебно на Обединетите нации за поддршката во постигнувањето на мирот, но ги поттикна и да посредуваат помеѓу различните влади за да се усогласат за да стават крај на конфликтот и конечно да ја стават благосостојбата на луѓето на прво место. „Тоа е патот по кој мораме заедно да одиме, трпеливо и упорно, но под итно, а Црквата ќе продолжи да го дава својот придонес“, порача папата Фрањо.

На крајот од својот говор го истакна примерот на блискоисточните христијани кои со своето сведоштво на верата, надежта и љубовта се конкретен знак на Божјото милосрдие и заслужуваат восхит, благодарност и поддршка од сеопштата Црква.

РВ/к.мк








All the contents on this site are copyrighted ©.