2016-09-18 16:33:00

Да влеземе во логиката „денот после утре“


Христијаните не запираат на сегашноста, туку со доверба го насочуваат погледот во иднината, во воскресението на телото, а во верата за воскресението на телото стои најдлабокиот корен на секое дело на милосрдието, порача папата Фрањо на светата Литургија на 16 септември во домот Света Марта.

Ако Христос не воскреснал, ниту ние нема да воскреснеме. Папата Фрањо ја развива својата проповед врз основа на Првото Послание до Коринтјаните (1Кор 15, 12-20), преку темата за логиката за конечното откупување. Папата рече дека во молитвата Верувам понекогаш брзо го изрекуваме последниот дел како да се плашиме од размислувањето за иднината, за воскресението од мртвите.

За нас е едноставно да влеземе во логиката на минатото затоа што таа е конкретна. Лесно е да се влезе и во логиката на сегашноста затоа што ја гледаме. И логиката на утрешнината е едноставно: сите ќе умреме. Но, кога размислуваме за иднината – тогаш подобро да не мислиме. Не е едноставно истакна Папата да се влезе во „потполност на логиката за иднината.“

„Тоа Павле денес ни го навестува, логиката на „денот после утре.“ Како ќе биде тоа? Воскресението, Христос воскресна. Јасно е дека не воскресна како дух. Во текстот на Лука за воскресението Исус вели „допри ме:“ Духот нема тело, нема коски. Исус вели: „Допри ме, дајте ми да јадам.“ Логиката „денес после утре“ е логика во која влегува телото.“

„Често се прашуваме како ќе изгледа рајот? Продолжува Папата, „дали сите ќе бидеме таму? Но, не го сфаќаме она што Павле ни го толкува, таа логика денот после утре.“ И овде предупредува Папата „запаѓаме во одреден гностицизам затоа што се плашиме од телото, мислејќи дека сè ќе биде духовно.“

Да не заборавиме, рече Папата дека таа била првата ерес која апостол Иван ја осудил: антихрист е тој кој вели дека Словото Божјо не дојде во тело (1Ив 4, 2-3). „Ние се плашиме до крај да ги прифатиме сите последици на телото Христово. Поедноставна ни е духовна побожност, побожност на нијанси. Но, да се влезе во логиката на телото Христово, тоа е тешко. А тоа е логиката „денот после утре“. Ние ќе воскреснеме како Христос во телото.“

Папата Фрањо потсети дека и првите христијани се прашувале како воскреснал Исус и нагласува дека токму во „верата во воскресението на телото стои најдлабокиот корен на делата на милосрдието“, во телото постои континуитет. Од друга страна свети Павле тврди дека сите ќе бидеме преобразени, нашето тело ќе биде преобразено.

Папата продолжува зборувајќи дека Господ се покажа и даде да се допре, јаде со учениците по воскресението. Конечно, Светиот Отец потврдува дека човечката зрелост се покажува во исправниот став кон минатото, во снаоѓањето во сегашноста и готовноста во односот со иднината. Но, за логиката „денот после утре“ потребно е повеќе од зрелост, „потребна е голема милост на Светиот Дух за да се сфати логиката „денот после утре“, по преобразбата, денот во кој Он ќе дојде и ќе нè одведе, преобразени на облаците за секогаш да бидеме со Него. Да го замолиме Господ за милоста за таква вера,“ заврши Папата.

РВ/к.мк








All the contents on this site are copyrighted ©.