2016-09-16 11:09:00

Христос не е учител кој става товари


Со Исус Божјото милосрдие го земало на себе човечкото сиромаштво и им дава на сите можност за спасение – порача Папата во текот на катехезата на Генералната аудиенција на 14 септември 2016 година.

На денот на Воздвижението на чесниот Крст, папата Фрањо толкува како Христос станал близок со сите, посебно на најсиромашните:

„Тој бил пастир меѓу луѓето, меѓу сиромашните: цел ден работел со нив. Исус не бил принц. Грдо е кога во Црквата пастирите стануваат принцови, далеку од луѓето, далеку од најсиромашните. Тоа не е Исусов дух. Таквите пастири Исус ги прекорувал и за нив говорел: „правете го она што го зборуваат, но не она што го прават“, предупредува Папата.

Денешната катехеза поаѓа од текстот во Евангелието според Матеј во кој Господ ги повикува едноставните и од животот обременетите, луѓето во потреба да го следат и им ветува дека во Него ќе пронајдат одмор и олеснување. (Матеј 11, 28-30). Папата истакнува дека Исусовиот повик во тој текст е изречен со серија императиви. Исус вели „дојдете при Мене,“ „земете го Мојот јарем,“ „поучете се од Мене.“ „О кога сите светски водачи би можеле тоа да го изречат,“ рече Папата.

Малаксаните, сиромашните, малите, толкува Фрањо, не можат да се потпрат на сопствените средства, ниту на важни пријателства, туку само да „имаат доверба во Бог.“ Свесни за своите понизни и бедни околности знаат дека зависат од Божјото милосрдие и од него единствено очекуваат можна помош. На тој начин стануваат негови ученици, примајќи ветување за „спокој на душата“, спокој за цел живот. Истото ветување подоцна се проширува на сите народи. Во текот на Светата година во катедралите, во светилиштата, во многу цркви во светот, во болниците, затворите поклониците поминуваат низ Вратата на милосрдието за да го „Пронајдат Исус, да пронајдат пријателство со Исус, да пронајдат одмор каков што само Исус дава. Оваа одење искажува ветување за секој ученик во наследувањето на Исуса. А преобраќањето секогаш се состои во пронаоѓањето на Божјото милосрдие. Тоа е бескрајно и неисцрпно: големо е Божјото милосрдие.

Примајќи го Исусовиот јарем, продолжува Папата, секој ученик влегува во заедништво со Него затоа што Исус стои во центарот на нивниот однос со Бог. „Исус на учениците им го става својот јарем во кој се исполнува законот. Сака да ги поучи дека преку него, неговата личност ќе ја пронајдат Божјата волја. По патот на Исус, а не по патот на законот и студените правила кои и самиот Исус ги осудува.“

Папата Фрањо истакнува дека Христос не е учител кој на другите би ставал товари кои самиот не ги носи. Тој се обраќа на понизните, малите, сиромашните, оние во потреба затоа што Тој самиот – на својот пат за спасение на човештвото – станува „сиромашен и искушуван од болки“ и на „себе ги прима болките и гревовите на целото човештво.“ Постојат моменти, продолжи Папата „на умор и разочарување,“ но тогаш мораме да расудиме дали ја ставаме својата сила во службата на доброто: затоа што уморот често е резулатат на оддалечување од навистина вредното, кога човекот „својата доверба ја става во работи кои не се неопходни.“ Господ напротив ни покажува што значи „да се живее од милосрдие“ за да станеме инструменти на милосрдието.

Треба „да се живее од милосрдие и да се биде потребен за милосрдието Исусово“, истакнува Папата, затоа што „кога чувствуваме дека ни се потребни прошка и утеха тогаш учиме како да бидеме милосрдни кон другите.“

Папата постојано нè повикува да ја сочуваме радоста на Господови ученици. „Дозволи Господ да те погледне, отвори го своето срце, почувствувај го на себе неговиот поглед, неговото милосрдие и твоето срце ќе се исполни со радост, радоста на простувањето ако ти пристапиш и побараш прошка“ заврши Папата.

РВ/к.мк








All the contents on this site are copyrighted ©.