2016-09-09 11:14:00

Бискупот Стојанов служеше Миса за Татковината


На 8 септември 2016 година, по повод одбележувањето на празникот на Независноста на Република Македонија, Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх во Македонија, монс. д-р Киро Стојанов ја предводеше светата Миса за Татковината во катедрала „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје.

Со бискупот Стојанов сослужуваа скопскиот парох дон Давор Топиќ, директорот на Македонски Каритас монс. Антун Циримотиќ, бискупскиот канцелар о. Марјан Ристов и капеланот дон Јошт Мезег. Покрај големиот број на верници  на мисата беше присутна и директорката на Комисијата за верски заедници и религиозни групи д-р Валентина Божиновска.

На почетокот од својата проповед бискупот Стојанов рече: Драги браќа и сестри, во неделата во Рим, Мајка Тереза беше прогласена за светица, а денес како Црква собрани сме во оваа Катедрала на Роденденот на Блажена Дева Марија, токму во деновите на Татковинската прослава „Денови на св. Мајка Тереза“. Нејзиниот роденден што на една слика е преставен на планински врв симболизира: Почеток за подобар свет.

Денес, исто така го славиме и Денот на државноста на нашата земја за која имаме толку убав збор - ТАТКОВИНА. Нашата историја не е ниту романтична, ниту лесна. Низ времето и околностите се случувале окупации, делби, поробувања. Денес, иако живееме во ситуација која не е лесна, среќни сме зашто сме свои на своето. Богољубието и родољубието се два поими кои одат заедно. Имено, ако ние христијаните признаваме дека сме Божји деца, што и инаку сме, тогаш  ниту на еден човек не можеме да му го одземеме чувството дека е од Бога повикан во живот.

Во продолжение на своето обраќање бискупот истакна: Татковина не е ниту територија, ниту богатство, туку татковината, тоа сме ние луѓето, како што и овој храм не е жива Црква, туку ние сме живата Црква кои во овој храм заеднички го славиме Бога. Општеството се луѓето, без луѓе не може да се оствари ниту соработка, ниту заедништво. Во тоа конкретно човечко општество христијанството ја внесува темелната заповед на љубовта. Љуби го Господа Бога свој со сето срце свое, со сета душа своја, со сето свое битие, а ближниот свој како самиот себе.

Државноста како политичка заедница се темели врз Уставот. А Црквата во тоа општество се темели врз Евангелската заповед на љубовта. Наша христијанска должност е да бидеме свесни за тоа. Не сите граѓани на Македонија се христијани, ниту верници, ама сите сме ближни. Не поврзува фактот дека за општеството, сите сме одговорни како што сме одговорни за својот дом. Љубовта кон Татковината е и наша христијанска должност. Ниту како поединци, ниту како заедница не стоиме на страна, туку како активни градители даваме свој придонес во оваа општество со својата работа, ангажираност, љубов и почитување.

Бискупот Стојанов ја заврши проповедта со следните зборови: Нека роденденот на Блажена Дева Марија не поттикне на молитва за Татковината, за домот и за нас самите, за да ни го расветлува начинот на кој можеме да бидеме бескомпромисни градители на праведно општество не правејќи при тоа предавство на вистината и на љубовта. А по застапништво на света Мајка Тереза, Господ Бог да ни помогне да спознаеме дека секој граѓанин е наш брат кого не треба да го судиме туку треба да го љубиме, а да се бориме против секое зло. Света Мајка Тереза, освен родното Скопје и Македонија, за своја втора Татковина ја прифатила Индија, но и таа и била претесна, па нејзина Татковина станал светот, а сите ние нејзини браќа и сестри во Христа, за на крај да се всели во вечната Татковина на нашиот небесен Татко од каде се застапува за сите нас кои сме тука во оваа наша преодна земска Татковина.

к.мк








All the contents on this site are copyrighted ©.