2016-09-04 11:15:00

Македонија и светот добија нова светица – Мајка Тереза


„Во чест на светото и неразделно Тројство, за ширење на католичката вера и пораст на христијанскиот живот, со власта на Господ наш Исус Христос, светите апостоли Петар и Павле и нашата, после зрело размислување и често повикување на Божјата помош, со советот на многу наши браќа, прогласуваме и одредуваме дека блажена Мајка Тереза од Калкута е светица, ја запишуваме во пописот на светците, заповедаме во општата Црква да се чествува меѓу светците. Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.“

Со овие зборови папата Фрањо денес официјално ја прогласи за светица блажена Мајка Тереза родена во Скопје пред околу 120.000 верници собрани на плоштадот Свети Петар во Рим. Неговите зборови беа придружени од громогласен аплауз од воодушеното мноштво.

На светата Литургија предводена од папата Фрањо сослужуваа 70 кардинали, 400 епископи и повеќе од 1700 свештеници, а во првиот ред покрај олтарот Папата се погрижи да бидат сместени 1500 сиромашни за кои новата светица се грижела со љубов.

Посебно место на свеченоста за прогласувањето на светица на света Мајка Тереза заедно со албанската и индиската делегација имаше македонската државно-црковна делегација предводена од претседателот на државата Ѓорге Иванов. Во составот на македонско државно-црковна делегација покрај претседателот Иванов се Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх во Македонија монс. Киро Стојанов, премиерот Емил Димитриев, министерот за надворешни работи Никола Поповски, министерката за култура Елизабета Канческа Милеска, градоначалникот на Скопје Коце Трајановски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, лидерот на СДСМ Зоран Заев, претставници на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, и преставник од семејството на света Мајка Тереза.

На овој голем настан присуствува и свештеници од Скопската бискупија и парохијата во која Мајка Тереза е крстена, како и свештеници од Апостолскиот егзархат во Македонија и бројни верници.

к.мк








All the contents on this site are copyrighted ©.