2016-08-31 18:38:00

Папата: Бог плаќа многу подобро од луѓето


Денес Исус се прави глас на оние кои немаат глас и до секој од нас од срце му упатува апел да ги направиме свои страдањата и вознемиреноста на сиромашните, гладните, маргинализираните, бегалците, оние кои животот ги поразил – рече Папата пред молитвата Ангел Господов.

Да не заборавиме: Бог плаќа многу подобро од луѓето! Тој ни дава далеку поубаво место од она кое ни го даваат луѓето. Местото кое Бог ни го дава е блиску до неговото срце и неговата плата е вечниот живот – рече папата Фрањо коментирајќи ги Исусовите две параболи за воздигнувањето и понижувањето во пладневниот наговор на 28 август 2016 година и за фактот за добрата на оние кои не можат да ни возвратат. По молитвата Ангел Господов уште еднаш изрази близина со луѓето погодени од земјотресот во централна Италија и изрази желба наскоро лично да ги посети.

Со препорака да ги заземеме последните места на гозбата, Исус не сака да дава норми за општествено однесување, туку нè поучува за вредноста на понизноста. „Историјата нè учи дека горделивоста, кариеризмот, суетата, фалењето се причини за многу зла“ – рече Папата. Напротив Исус порачува да ја бараме „маленкоста и сокриеноста“. „Кога ќе се ставиме пред Бог во таа димензија тогаш Бог нè воздигнува, се наведнува над нас за да нè подигне кај себе“ – објасни Папата.

Говорејќи на таа гозба да ги повикаме сиромашните, оние кои не можат да ни возвратат Исус го „покажува ставот на непристрасноста кој треба да го карактеризира гостољубивоста.“ „Се работи за избирање на бесплатноста наместо опортунистичко калкулирање кое бара да ни се возврати, кое бара интереси и дополнително збогатување“ – рече Папата. „Исус така ја покажува својата склоност за сиромашните и исклучените кои се привилегирани во Царството Божјо и ја пренесува основната порака во Евангелието за служењето на ближниот од љубов кон Бог.“

„Денес Исус се прави глас на оние кои немаат глас и до секој од нас од срце му упатува апел да ги направиме свои страдањата и вознемиреноста на сиромашните, гладните, маргинализираните, бегалците, оние кои животот ги поразил, оние кои ги отфрлило општетсвото и надуеноста на моќниците. А тие отфрлени го претставуваат поголемиот дел од населението“ – рече Светиот Отец изразувајќи благодарност до сите кои им служат на луѓето во потреба.

По молитвата Ангел Господов изрази духовна близина со погодените од силниот земјотрес во средна Италија. „Уште еднаш на тоа сакано население му кажувам дека Црквата го дели нивното страдание и нивните грижи. Да молиме за покојните и преживеаните.“ „Драги браќа и сестри штом биде можно се надевам и јас ќе дојдам да ве посетам и лично да ви ја донесам утехата на верата, прегратката на татко и брат и поддршката на христијанската надеж“ – рече папата Фрањо молејќи Радувај се Маријо со собраните на плоштадот Свети Петар за жртвите на земјотресот.

Потоа потсети на вчерашната беатификација на света Марија Антонија де Сан Хосе во Буенос Аирес која посебно се истакнала во апостолатот за духовни вежби како и на Светскиот ден на молитвата за грижа за создаденото кој ќе се одбележи на 1 септември во заедништво со православните верници и другите црковни заедници. „Тоа ќе биде можност да се зголемат заедничките настојувања околу зачувувањето на животот почитувајќи ја околината и природата“ – заврши папата Фрањо.

РВ/к.мк








All the contents on this site are copyrighted ©.