2016-07-30 17:28:00

Папата до младите Кубанци: Љубовта секогаш гради


Папата Фрањо на 29 јули 2016 година испрати видео порака до младите Кубанци кои организирале сопствена средба на млади истовремено со онаа на светско ниво во Краков.

Светиот Отец ја пофали иницијативата на младите и ги поттикна да бидат обединети во „социјалното пријателство“ независно од разликите како и да бидат „носители на надеж и „градители на мостови.“

Околу 1.400 млади Кубанци учествуваат на собирот во Хавана организиран за оние кои не можеа да заминат за Полска. Се одвива под истото мото како и светската средба и вклучува катехези, молитвата Крстен пат и премин низ месната света врата. Папата изрази надеж дека нивното собирање ќе биде можност за промовирање на културата на средба, почит, разбирање и меѓусебно простување. Ги поттикна да не се „плашат од ништо“ и да бидат слободни од „синџирот на овој свет“ за да ја навестат Радосната вест.

Ги повика да бидат „носители на надежта“ за што им е потребна „способноста за сонување“. „Не плашете се. Не бидете пребирливи,“ „сонувајте дека со ваша помош Куба може да биде поинаква и секој ден да се подобрува.“ „Бидете болни од љубов“ – порача Папата. „Така ќе научите секогаш да гледате на другите со милосрдие, близина, нежност посебно на оние на кои им е потребна помош.“

Нагласи дека единствено во Исус е можно да се пронајде сила за најубав и најконструктивен животен проект: љубовта. „Љубовта е конструктивна, љубовта не го уништува дури ниту непријателот, љубовта секогаш гради“ – рече папата Фрањо. Зборувајќи за надежта и социјалното пријателство рече дека не е неопходно сите исто да мислат, туку сите да имаат „желба да сонуваат“ и „да го сакат својот народ“ и заедно да „градат мостови.“

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк








All the contents on this site are copyrighted ©.