2016-07-29 13:14:00

Кардинал Туран: Осудени сме на дијалог


Нема друго решение освен воспитување за култура на дијалог и средба – заклучи кардинал Жан Луис Туран, претседател на Папскиот совет за меѓурелигиски дијалог, коментирајќи ги атентатите кои го нарушуваат секојдневниот живот на многу лица. 

Гледајќи ги секојдневните вести, човекот се прашува: „Зошто? Зарем е човекот за смрт“? Овие случувања го поттикнуваат човекот да се запраша за смислата на нашиот живот... Верувам дека и нашиот однос спрема смртта се промени во светот каде е сè привремено. Некогаш се говорело: „Порано или покасно мора да се умре“, а на крајот во тоа никој не верувал. Денес пак смртта се заканува на секој чекор: од куќата излегуваме, меѓутоа не знаеме дали ќе се вратиме. Верувам дека ова чувство многу го вознемирува народот– заклучи кардинал Туран.

На прашањето како човек да се постави пред минливоста на животот, рече дека сè зависи од воспитувањето. Во семејството децата треба да се воспитуваат да ги почитуваат постарите лица, да учат историја. Ние не сме први, дел сме од заедница која има своја историја, а која треба да се познава. Мислам дека е потребно да се осмисли нова филозофија на средба. Нема средба без другите, а уште помалку против другите. Треба да се надеваме на Бог, бидејќи на крај на краиштата Тој ја управува историјата – истакна кардиналот.

А на прашањето за сегашната најголема опасност, рече дека најголема опасност е тоа да после болката и побуната завладее омразата со срцето, со нашите разговори и однесувања. Едни на други мораме да си помогнеме да го слушаме гласот на Исус кој вели: „Дојдете кај мене, сите вие кои сте уморни и јас ќе ве окрепам“. Дијалогот продолжува: имаше многу трогателни знаци на солидарност од страна на муслиманите, мислам на принцот бин Талал од Јордан. Дијалогот дури напредува: ја обновивме размената со универзитетот ал Азхар од Каиро. Мораме да ги имаме на ум чувствата на повеќето муслимани кои ги осудуваат терористичките атентати, гнасните злосторства – забележа кардиналот додавајќи:  

Уверен сум дека воспитувањето на младите поколенија е многу итно. Личноста различна од мене, која исповедува друга вера, не е непријател. Сите сме Божји созданија, сите сме луѓе. Бог нè создаде и ни даде разум за разбирање и срце за љубов. Треба да се шири таа порака, младите поколенија треба да сфатат дека таа го вдахнува нашето секојдневие. Освен дијалогот, друго решение нема. Секогаш говорам дека сме осудени на дијалог – рече кардиналот.  

На забелешката дали е оптимист и покрај сегашната состојба, рече дека наскоро излегува неговата книга во која ги собрал сите свои настапи во меѓурелигискиот оквир. Насловот е многу поттикнувачки, а гласи: ‘Верувам во човекот‘. Знам дека човекот секогаш може да се промени, секогаш е можно обраќање. Верувам исто така во моќта на човечкото срце. Знам, дека благодарејќи на верата, смртта нема последен збор – истакна кардинал Туран. 

На прашањето за состојбата во Турција, рече дека не сака да влегува во политика, бидејќи таа не е во негова надлежност. Меѓутоа фактот дека во Турција се тргна по патот на одмаздата, угнетувањата, го отежнува обидот на Турција да биде мост помеѓу Истокот и Западот и партнер во меѓурелигискиот дијалог. Во секој случај, мислам дека треба да го сочекаме конечниот расплет на случувањата – заклучи кардиналот додавајќи дека нема друга филозофија освен да сфатиме како сите припаѓаме на исто човечко семејство, дека сите го бараме Бог и дека едни на други мораме да се почитуваме.

РВ/к.мк








All the contents on this site are copyrighted ©.