2016-06-23 11:59:00

Кардинал Комастри: Мајка Тереза, светица на милосрдието


„Запознав светица“, тоа е насловот на книгата посветена на Мајка Тереза од Калкута, чиј автор е кардиналот Анџело Комастри, папски викар за Градот Ватикан, а која овие денови ја објави издавачката куќа „Едициони Сан Паоло“.

Кардиналот во книгата зборува за своите бројни средби со идната светица и на читателите им нуди повеќе приказни, написи и молитви за Мајка Тереза.

Говорејќи во разговор за Радио Ватикан за посебното искуство да ја има во близина Мајка Тереза, кардиналот пред сѐ истакна дека смета како средбата со Мајка Тереза е голем Божји дар. Секојпат кога ја среќавав, во срцето ми влеваше голем мир. Ми се чинеше како да ја чувствувам Божјата присутност во нејзината душа, додаде кардиналот и притоа се потсети на зборовите со кои еден новинар ја опишува Мајка Тереза: Мајка Тереза е како отворен прозорец на кој се појавува Бог и му се насмевнува на целиот свет.

Во целост се согласувам со тој опис, бидејќи на секоја средба со неа имав телесно чувство дека Му се приближувам на Бог, дека Го чувствувам Бог кој очигледно беше во нејзината душа, истакна кардиналот Комастри. Притоа ги истакна и зборовите кои во една прилика Мајка Тереза му ги кажала: „Единствениот ковчег кој ќе го однесеме на другиот свет е ковчегот на љубовта“, и додаде: „Наполни го, додека уште имаш време, бидејќи тоа е единствениот ковчег кој ќе го однесеш со тебе“.

Истакнувајќи дека тајната на Мајка Тереза беше молитвата, кардиналот Комастри се присети на нејзината посета на Обединетите Нации. Кога Перез де Кулар, тогашен Генерален секретар на ООН ја претстави рече: „Ви ја претставувам најмоќната жена на планетата. Таа е навистина организација Обединети Нации, бидејќи во нејзиното срце се сиромашните од целиот свет“. На тоа Мајка Тереза одговара: „Јас сум само чесна сестра, која моли“ и додава: „Молејќи, Исус во срцето ми ја става својата љубов. А јас ја носам на сиромашните по целиот свет, на сиромашните кои ги среќавам“. А тогаш, рече кардиналот, таа имаше и храброст да ги поттикне присутните во ООН: „И вие молете и ќе ги забележите сиромасите кои ви се близу, можеби дури и во вашето соседство“.

РВ/В.Н.








All the contents on this site are copyrighted ©.