2016-04-08 15:58:00

Караванот Католици.мк во Радово


Караванот Католици.мк во среда 6 април 2016 година присуствуваше во парохијата Свети пророк Илија – Радово, каде на присутните верници им беше презентирана работата на Католици.мк, Светлина - христијанско списание и Радио Ватикан – македонска програма.

На почетокот од средбата присутните молеа Света Бројаница, а потоа о. д-р Зоран И. Стојанов ја објасни на присутните целта на Караванот Католици.мк со партнерите Светлина - христијанско списание и Радио Ватикан.

Отец Гоце Костов зборуваше за идејата на група млади верници на чело со своите свештеници да ја започнат работата на Католици.мк. Во понатамошниот тек на неговото обраќање ги истакна достигнувањата на Католици.мк, како и плановите за развој, можностите и капацитетите со кои располага Католици.мк, соработката помеѓу Католици.мк и Радио Ватикан – македонска програма.

Отец д-р Зоран И. Стојанов се осврна на работата на христијанското списание Светлина, почетоците кои биле голем предзвик за основачот на тогашниот парох во Радово, сегашен владика монс. Стојанов, за да стане Светлина списание кое ќе ги задоволи духовните потреби на своите читатели. Отец Ванчо Назов ја презентира идеја за формирање клуб на читатели и нивната улога во креирањето на страницата.

За своите искуства како волонтер во Католици.мк зборуваше м-р Данче Ичева, како и тоа дека волонтерот во Католици.мк, покрај тоа што се става во служба на Црквата за навестување и самиот се збогатува духовно.

Радува фактот што во Радово, како и претходно во парохијата Свети Иван Крстител – Струмица има заинтересирани волонтери, кои со својот допринос ќе помогнат во работата на Католици.мк и во збогатување на содржината.

Двочасовната средба заврши со дискусија и заедништво во парохиската сала.

к.мк/го*ко








All the contents on this site are copyrighted ©.