2016-03-26 11:24:00

Во Скопје прославена Литургијата Вечера Господова


На Велики Четврток 24 март 2016 година во катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје Литургијата Вечера Господова ја предводеше Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх монс. Киро Стојанов во концелебрација со свештеници од Скопска бискупија.

Своја проповед одржа монс. Антун Циримотиќ кој се осврна на најважните пораки на Велики Четврток. „Нашиот Господ Исус Христос на Последната вечера го направи најголемото чудо во неговиот земски живот: лебот и виното ги претвори во свое тело и своја крв. И тоа чудо се повторува секој ден низ рацете на свештениците ширум целиот свет.“

Зборувајќи за востановувањето на свештенството, монс. Циримотиќ додаде: „Исус на последната вечера ги овластил апостолите евхаристиската претворба да ја прават во Негов спомен и на тој начин го востановил свештенството“.

Посебно место во настаните на Велики Четврток е обредот миење нозе. „Со овој чин Исус им покажал на апостолите дека вистинската љубов се состои во служењето, а не во владеењето, како што мисли овој свет. Служењето е второ име за вистинска љубов“ подвлече монс. Циримотиќ.

Уште една важна и актуелна порака на Велики Четврток е единството, кое Исус им го нагласува на апостолите во својот проштален говор. Ова единство во историјата два пати било тешко нарушено, но Господ нѐ повикува да му се вратиме на тоа единство и со своите дела и ставови да работиме за изградба на единство меѓу христијаните“ додаде монс. Циримотиќ, а на крајот на сите свештеници и на сестрите Евхаристинки, кои овој ден го прославуваат на посебен начин им упати честитки.

Бискупот Стојанов по хомилијата во обредот миење нозе ги изми нозете на дванаесет верници во знак на Христовата љубов и Христовото служење на секој човек. Во овој чин се остваруваат Христовите зборови: „Затоа ви дадов пример да правите и вие така, како што ви направив Јас.“ (Иван 13,15) Годинешни апостоли беа: Маријан Зефиќ, Кристо Себов, Јозеф Зефи, Никола Франциќ, Перо Туниќ, Ивица Гласновиќ, Дине Христов, Марио Чачиќ, Коља Матиќ, Тони Мердита, Давор Паниан и Оливер Јузбашиќ.

Литургиската прослава заврши со свечено пренесување на посветените честици во капелата света Ана, каде верниците до доцните вечерни часови можеа во духот да ѝ се придружат на Христовата молитва во Маслиновата градина.

к.мк








All the contents on this site are copyrighted ©.