2016-03-18 09:37:00

Народите да го отворат срцето и вратите за мигрантите


Народите и владите да го отворат срцето и вратите за мигрантите. Тоа беше апелот на папата Фрањо, упатен за време на Генералната аудиенција, повикувајќи се на ситуацијата на бројните „невини луѓе кои страдаат од студ и без храна, кои не можат да влезат и да го чувствуваат гостопримството“.

Но Бог не е отсутен, дури и во овие драматични ситуации, рече папата Фрањо. Својата катехеза Папата ја посвети на „утехата“ која доаѓа од милоста на Бог. Тој се задржа на 30 и 31 глава од книгата на пророкот Еремија, наречена од проучувачите „книга на утехата“, бидејќи во неа Божјото милосрдие се претставува со целата своја способност да утешува и да го отвора срцето за оние кои немаат надеж. Денес и ние сакаме да ја слушнеме таа порака на утеха.

Пророкот Еремија - истакна папата Фрањо „се обраќа на народот на Израел, кој е депортиран во туѓа земја и го најавува враќањето во татковината. Ова враќање е знак на бескрајната љубов на Бог Отецот, кој не ги напушта своите чеда, туку се грижи за нив и ги спасува. Прогонството за народот на Израел беше едно болно искуство. Верата беше ослабена, бидејќи во туѓа земја, без храм, без култ и во уништена татковина, за народот беше тешко да продолжи да верува во добрината на Господ“.

Понекогаш - продолжи Папата – „и ние можеме да живееме во едно своевидно прогонство кога осаменоста, страдањето и смртта не тераат да мислиме дека Бог нѐ напуштил“.„Колку пати сме ги слушнале зборовите: „Бог ме заборавил“. Многу пати луѓето кои страдаат се чувствуваат напуштени. Колку многу наши браќа доживуваат во наше време вистинска и драматична ситуација на прогонство, далеку од татковината, а пред очите сѐ уште ги гледаат урнатините на нивните домови, со срце исполнето со болка, за жал, болка од загубата на блиски луѓе! Во овие случаи некој може да се запраша: Каде е Бог? Како е можно толку многу страдање да се истури над невини мажи, жени и деца? А кога се обидуваат да влезат во некоја друга земја им ги затвораат вратите. И тие стојат таму, на границата, бидејќи многу врати и срца се затворени. Денешните мигранти кои страдаат од студ, без храна и се спречени да влезат, не чувствуваат гостопримството. Ми се допаѓа многу кога гледам дека народите и владите го отвораат срцето и вратите!“

Пророкот Еремија ни го дава првиот одговор на нашите прашања, продолжи Папата. „Народот во прогонство може да се врати, да ја види својата земја и да го почувствува Божјето милосрдие. Тоа е големо навестување на утеха: Бог не е отсутен, дури и денес во овие драматични ситуации. Бог е во близина и прави моќни дела за спасение на оној кој се надева на Него. Не треба да се паѓа во очај, туку треба да продолжиме да сме убедени дека доброто победува над злото, дека Господ ќе ја избрише секоја солза и ќе нè ослободи од секој страв. Затоа Еремија се претвора во глас на исполнетите зборови за Божјата љубов кон својот народ.

Папата Фрањо потсети дека Господ секогаш е верен, не нѐ остава да загинеме. „Бог сака со бескрајна љубов, која дури гревот не може да ја запре, и благодарение на Него човечкото срце се исполнува со радост и утеха“.

Утешителниот сон за враќање во татковината продолжува во зборовите на пророкот, кој обраќајќи се кон оние кои ќе се вратат во Ерусалим, вели: И тие ќе дојдат и ќе се радуваат на сионските височини, и ќе се стрчаат кон добрата Господови, кон пченицата, виното и елејот, кон јагнињата и воловите; и душата нивна ќе им биде како градина напоена со вода, и веќе нема да се измачуваат (31, 12).

Радосен и благодарен - истакна папата Фрањо – „поробениот народ ќе се врати во Сион, ќе се искачи на светата планина кон домот на Бог и така повторно ќе можат да принесат химни и молитви на Господа, кој ги ослободи. Враќањето во Ерусалим и на неговите добра е опишано со еден глагол кој буквално значи „се излева, тече“. Народот е виден во едно парадоксално движење, како една полноводна река која тече кон Сионските височини, се искачува на врвот на планината. Ова е еден храбар образ, со кој се изразува големината на милосрдието Господово“.

Земјата, која народот бил принуден да ја напушти, се претворила во плен за непријателите и беше напуштена. Сега, повторно оживува и цвета. Самите прогонети ќе бидат како натопена градина, како плодна земја. Израел вратен во татковината од својот Господ е сведок на победата на животот над смртта и на благословот над проклетството.

Светиот Отец заврши, истакнувајќи дека денес „пророкот Еремија ни ја даде оваа вест, претставувајќи го враќањето на прогонетите како голем симбол на утеха дадена на срцето на оној кој се преобраќа. Од своја страна, Господ Исус, ја исполни пораката на пророкот. Вистинското и радикалното враќање од прогонство и утешителната светилна меѓу темнината се случува на Велигден, во целосен и конечен обид за љубовта на Бог: милосрдна љубов, која дарува радост, мир и вечен живот“.

РВ/В.Н.








All the contents on this site are copyrighted ©.