2016-03-05 16:38:00

Папата го осуди убиството на сестрите во Јемен


Папата Фрањо изрази шокираност и длабока жалост за убиството на четирите сестри Мисионерки на љубовта, како и за дванаесете лица загинати во домот за стари лица во Јемен. Во градот Адена повеќе вооружени напаѓачи во петокот влегле во зградата и од соба на соба убивале, пукајќи им во главата.

Во пораката која е потпишана од кардинал Пиетро Паролин, Папата ја вети својата молитва за покојните и својата духовна близина со семејствата и сите кои се погодени од овој „бесмислен чин и ѓаволско насилство“. Во пораката исто така стои дека папата Фрањо моли „ овој бесмислен колеж да ја разбуди свеста и да доведе до промена на срцата, како и да ги поттикне сите страни да го положат оружјето и да појдат по патот на дијалог“.

Пораката на Светиот Отец содржи и силен апел за престанок на насилствата во Јемен: Во Божјо име повикува „сите страни во сегашниот судир да се откажат од насилството и да ја обноват својата преданост на народот во Јемен, посебно оние кои се во најголема потреба, на кои сестрите и нивните сонародници им служеа.“ За сите кои страдаат поради насилство, Папата молеше за Божји благослов, а на Мисионерките на љубовта на Мајка Тереза Папата на посебен начин им ја изрази својата молитвено сочувство и солидарност.

РВ/к.мк//го*ко








All the contents on this site are copyrighted ©.