2016-02-23 12:39:00

Папата повика на укинување на смртната казна


Сите христијани и сите луѓе со добра волја се повикани денес да работат не само на укинување на смртната казна, туку и на подобрување на затворските услови, почитувајќи го човечкото достоинство на личноста лишена од слобода – рече Папата по молитвата Ангел Господов на 21 февруари 2016 година.

Во пладневниот наговор пак се осврна на својата неодамнешна посета на Мексико и средбата со патријархот Кирил.

Посетата на Мексико – искуство на преобразување

Послужувајќи се со речникот од денешниот евангелски дел за Исусовото преобразување, Светиот Отец истакна дека и неговата посета на Мексико била искуство на преобразување и дека ја видел таа земја исполнета со светлината на „верата која ги преобразува лицата и го осветлува патот.“

Како центар на тоа патување ја наведе молитвата во светилиштето на Света Богородица од Гвадалупе. Рече дека Господ на Мексико му го доверил наследството на „чување на богатството на различноста, а истовремено покажување на хармонија на заедничките вери.“ Папата ја „утврдил верата на мексиканскиот народ“, но кажа дека и тој самиот бил во неа утврден. Исто така изрази благодарност до Бог за средбата со московскиот патријарх Кирил во Куба. „И тој настан е пророчко светло на воскресението кое на светот денес му е потребно од било кога“ – рече папата Фрањо.

„И криминалецот го задржува неповредливото право на живот“

По молитвата Ангел Господов потсети дека утре во Рим ќе се одржи меѓународен собир на тема „За свет без смртна казна“ во организација на заедницата Свети Егидиј. Изрази надеж дека тој симпозиум ќе ги обнови настојувањата за укинување на смртната казна и напомена дека е знак на надеж на сѐ пораширеното противење на тој облик на казнување, „дури и како средство на легитимна општествена одбрана.“ Модерните општества – објасни – имаат можност да се спротивстават на злосторството не одземајќи ја дефинитивната можност за покајание на оној кој направил злосторство.

Светиот Отец рече дека проблемот треба да се разгледува во светло на „криминалната правда која сѐ повеќе е усогласена со човечкото достоинство и Божјиот план за човекот и општеството“. „Заповедта не убивај има апсолутна вредност и се однесува како на невиниот така и на виновниот“ – рече папата Фрањо. Истакна дека Јубилејот на милосрдието е посебна можност за промовирање на почитта кон животот и достоинството на секој човек, напоменувајќи: „И криминалецот го задржува неповредливото право на живот“, кој е „Божји дар.“

Владите ги повика да дојдат до меѓународен консензус за укинување на смртната казна, а на католичките претставници им предложи „храбар и гест за пример“: ниту една смртна казна да не се изврши во Светата година на милосрдието.

Духовен лек на милосрдието

На крајот на собраните верници им предложи „духовен лек“ - Misericordin. Се работи како за света Бројаница, која е спакувана во кутија за лекови со упатство како на неа да се моли Бројаницата на Божјото милосрдие. Меѓу волонтерите кои од Папата топло препорачаниот „лек“ го поделија на луѓето на плоштадот Свети Петар имаше и бездомници, сиромаси, бегалци како и луѓе со посветен живот.

РВ/к.мк








All the contents on this site are copyrighted ©.