2016-02-20 11:01:00

Скопје: Промовирана книгата „Црквата во служба на човекот“


На 17 февруари 2016 во „Спомен куќата на Мајка Тереза“ во Скопје, се одржа промоција на книгата „Црквата во служба на човекот“ од Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх во Македонија монс. д-р Киро Стојанов.

Заедно со бискупот Стојанов на промоцијата беа присутни Архепископот Охридски и Македонски господин господин Стефан, директорот на Македонскиот Каритас монс. Антун Циримотиќ, деканот на Православниот богословски факултет во Скопје проф. д-р Ацо Гиревски, директорката на „Спомен куќата на Мајка Тереза“ Рената Здравковска, директорката на Комисијата за верски заедници во Р. Македонија Валентина Божиновска, членови на дипломатскиот кор и голем број на присутни верници и граѓани на град Скопје.

На самиот почеток на присутните им се обрати модераторката на овој настан госпоѓа Јадранка Чадиновска, повикувајќи ја м-р Љерка Тот Наумова, членка на Друштвото на писатели на Македонија и Друштвото на писатели на Хрватска да прочита неколку делови од книгата кои беа проследени со музичка придружба на господин Михајло Чадиновски.

На самиот почеток, присутните ги поздрави скопскиот парох дон Давор Топиќ велејќи: „Вечерва тука сме собрани на промоцијата на книгата на бискупот Стојанов во која се содржани неговите пастирски писма за семејната заедница по повод Годината на семејството во Скопската бискупија и Апостолскиот егзархарт, како и пастирските писма до Богопосветените лица по повод Годината на посветениот живот.“ Потоа тој ги претстави промоторите на оваа книга: господин Дарко Мајдиќ, дипломиран теолог и татко на шест деца; проф. с. Мартина Стојкова, од монашката заедницатна сестрите Евхаристинки и госпоѓа Катица Трајковска Абјаниќ, претседателка на Здружението на Радио Марија Македонија.

Првиот дел на книгата се состои од пастирски писма по повод Годината на семејството, а ги претстави промоторот Дарко Мајдиќ, кој рече дека Годината на семејството опфаќа две граѓански години велејќи: „Првата заповед која Господ ја објавил, Адам не би можел да ја оствари без Ева, ниту Ева би можела да ја оствари без Адам. Тоа не е ништо ново за забележување, но сведоци сме дека живееме во времето кога тоа е многу лесно да се заборави. Поради тоа не е ни чудо дека човекот на Црквата, пастирот кој се грижи за своето стадо, се одлучи да прозбори многу сериозно за вредноста на семејството. Во првата година, содржината во голем дел, го допира семејството и низ осум пастирски писма и останати поводи се излага важноста и вредноста на семејството без кое не може да се има ниту Црквата, ниту човечкото општество. Во годината на продолжение може да се забележи еден интимен тон. Иако наоѓаме елементи и на едниот и на другиот, во сите говори на отецот бискуп, можеме да кажеме дека во втората година бискупот зборува не толку за семејството колку му се обраќа на семејството. Се обрнува на секој од нас и нѐ повикува на семејна молитва, на меѓусебен дијалог, на воспитување и на заедништво. Ова се сите работи без кои семејството не може, и исто така без кои не може ниту човечкото општество, ниту Црквата”, рече Мајдиќ.

Вториот дел на книгата ги содржи пастирските писма упатени до Богопосветените лица по повод четирите средби одржани во оваа Година. Овој дел го претстави проф. с. Мартина Стојкова. Сестрата тематски ги анализираше зборовите кои бискупот ги истакнал во своите размислувања, велејќи: „Бискупот во своето прво пастирско писмо говореше за повикот на светост, а во втората средба бискупот потсетува дека Богопосветените лица се знак и навестување за овој свет, а во третата и четвртата средба бискупот повикува за радосното служење на посветените лица, истакнувајќи ги трите завети кои се темел на духовниот живот.“

Третиот промотор на оваа книга беше г-ѓа Катица Трајковска Абјаниќ која рече: „Отварајќи ја оваа книга пред мене се отворија текстови со насоки за свештениците, монаштвото и вероучителите, напишани со јасен и концизен стил, со јазик близок и разбирлив, не само до оние до кои првично се наменети туку и до секој верник, текстови проткаени со цврста вера и се разбира длабока теолошка втемеленост. Топло ја препорачувам зашто таа е од оние книги со кои се стекнува мудрост, со кои се просветлува нашиот интелект и која овозможува идеите изразени во неа да се претворат во дела“.

На крајот на присутните им се обрати авторот на книгата бискупот Стојанов поздравувајќи ги сите присутни и изразувајќи благодарност на организаторите за организирањето на оваа промоција, велејќи дека е многу инспириран од обраќањето на папата Фрањо до семејствата во Мексико. Во тој говор папата Фрањо истакнува дека Божјото име е љубов. „Повод за книгата беше вонредната епископска Синода за семејството и Година на посветениот живот. Оваа книга е резултат на двегодишните пасторални активности, реализирани заедно со соработниците, браќата свештеници, чесни сестри и сите верници.“ Своето обраќање бискупот го заврши со зборовите: „Сите ние сме едно големо духовно семејство, едни со други можеме да одиме напред, да бидеме за добро на Црквата и на општеството.“

На крајот овој драгоцен настан заврши во дворот на „Спомен куќата на Мајка Тереза“ со пријатно и радосно заедништво меѓу авторот на книгата бискупот Стојанов и присутните.

Во недела 21 февруари со почеток во 18.00 часот промоција на оваа книга ќе се одржи и во Струмица во салата на парохијата „Свети Иван Крстител“ - Струмица

к.мк/д.Д.Т./Е.А.








All the contents on this site are copyrighted ©.