2016-02-14 13:29:00

Папата се сретна со московскиот Патријарх Кирил


Папата синоќа нешто после 20 часот по наше време се сретна со православниот Патријарх на Москва и цела Русија Кирил. По двочасовната средба зад затворени врати поглаварите на двете Цркви потпишаа заедничка декларација, после што Папата го продолжи својот пат кон Мексико.

Единството се гради одејќи заедно – се зборовите на папата Фрањо на аеродромот Хосе Марти во Хавана на историската средба со патријархот на Москва и цела Русија, Кирил. Непосредно по слетувањето на авионот на Папата во Хавана, поглаварот на Католичката црква го пречека претседателот на Куба Раул Кастро по што папата Фрањо се сретна и со рускиот Пaтријарх, разменувајќи со него срдечна прегратка.

Браќа сме и јасно е дека ова е Божја волја – рече Светиот Отец на Рускиот патријарх на самиот почеток н средбата, додека Московскиот патријарх на Папата му рече: Иако нашите потешкотии сèуште  не се измазнети постои можност да се сретнеме и тоа е убаво! По двочасовниот разговор на двајцата поглавари зад затворени врати и меѓусебно разменување на дарови потпишана е заедничка декларација, после што поглаварите на двете христијански Цркви дадоа кратки изјави.

Патријархот Кирил: Да работиме за да нема повеќе војни и да се почитува човечкиот живот

Патријархот Кирил рече дека поминале во братски разговор, кој послужи за „разбирање и одговорноста на сопствените цркви за иднината на христијанството и иднината на човечкиот род“. „Тоа беше содржаен разговор кој ни овозможи да ја ги разбереме и обострано да ги слушнеме ставовите. Плодовите од овој разговор дозволува да кажеме дека нашите цркви можат активно да работат, бранејќи го христиијанството во целиот свет“, додаде патријархот. Можно е смета патријархот Кирил „заедно да работиме со полна одговорност за да нема повеќе војни, насекаде да се почитува човечкиот живот и да се зацврстат темелите на моралот во семејствата и луѓето“.

Папата Фрањо: Имаме исто крштение

„Разговаравме како браќа, имаме исто крштение, епископи сме. Зборувавме за нашите цркви и се сложивме околу тоа дека единството се гради одејќи заедно“, рече Папата во својата изјава по средбата. Разговорот беше отворен. Ви признавам дека на овој разговор ја почувствував утехата од Светиот Дух и се заблагодарувам на понизноста на Неговата светост, тоа е братска понизност, како и на неговата желба за единство. На виделина излегоа низа иницијативи, за кои верувам дека се остварливи и дека можат да се реализираат, рече Папата заблагодарувајќи му се на патријархот Кирил како и на неговите соработници, митрополитот Иларион, како и кардиналот Курт Кох и екипата која работеше со нив и за нас“.

Куба: Престолнина на единството

Последната мисла Папата ја упати на Куба: „Не сакам да си заминам, а да не изразам искрена благодарност на големиот кубански народ и на нивниот претседател, кој е тука е присутен. Му благодарам на неговата подготвеност. Ако продолжи вака, Куба ќе стане престолнина на единството. Сѐ нека биде во слава на Бог, Отецот, Синот и Светиот Дух и за доброто на Божјиот народ под заштитата на Светата Мајка Божја“ – рече на крајот Светиот Отец.

Веднаш по потпишувањето Римскиот бискуп и московскиот Патријарх меѓусебно се поздравија, по што Папата го продолжи своето апостолско патување во Мексико.

Папата на Патријархот Кирил му подари моштија од Свети Кирил, чиј гроб се наоѓа во базиликата Сан Клементе во Рим, сребрен путир и дискос, како и енцикликата Лаудато си.

Синоќешната средба и потпишувањето на заедничката декларација е првиот директен дијалог на поглаварите на Католичката и Руската православна црква по расколот во 1054 година. Папата неколку часа пред својата средба со Рускиот патријарх на својот твитер профил вчерашната средба ја нарече „дар од Бог“. Двете страни изразија желба и надеж за брзи плодови од средбата кои многумина ја сметаат за историска.

к.мк/Д.И./го*ко








All the contents on this site are copyrighted ©.