2015-12-17 15:34:00

Бискупот Стојанов во посета на Транзитниот центар за бегалци


Во среда, 16 декември 2015 година, Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх во Македонија монс. д-р Киро Стојанов во придружба на своите соработници се сретна со градоначалникот на Гевгелија Иван Франгов и со претставникот на Центарот за управување со кризи Зоран Лазаревски, а потоа се упати во Транзитниот центар за мигранти – Винојуг.

Бискупот Стојанов го разгледа Транзитниот центар Винојуг и се информира за целокупната ситуација од локалниот координатор на Македонски Каритас о. Димитар Ташев, како и од претставници на Црвениот Крст. Бискупот во средбата со персоналот на Каритас и на Црвениот Крст ги охрабри и им се заблагодари за нивниот придонес за луѓето во потреба.

За присутните медиуми бискупот Стојанов истакна: „Католичката црква преку својата добротворна организација Каритас и Парохиските Каритаси со своите волонтери е дел од помошта и помага секојдневно во Транзитниот центар за беглаци во Гевгелија и Табановце, каде опслужува повеќе од 1000 луѓе.“

Во таа пригода бискупот Стојанов напомена дека Католичката Црква во Македонија преку своите каритативни институции континуирано помага на луѓето во потреба и настојува секогаш да биде во служба на човекот.

Македонски Каритас дистрибуира повеќе од 500 топли оброци и исто толку топли напитоци во Гевгелија, како и 500 пакети со храна на Табановце. Во делењето помош на бегалците активно се вклучени и Парохиските Каритаси.

Престојот во Гевгелија бискупот Стојанов го искористи да го посети и Дневниот центар за лицата со посебни потреби и Центарот за индивидуална работа со деца со посебни потреби.

к.мк








All the contents on this site are copyrighted ©.