2015-12-09 16:01:00

Поставени елката и пештерата на плоштадот Свети Петар


Во пресрет на претстојниот Јубилеј на милосрдието, на плоштадот „Свети Петар“ пристигна божиќното дрво и почна подготовката на Божиќната пештера, кои, како што наведува Управата на градот-држава Ватикан, ќе бидат подготвени за почетокот на  Светата јубилејна година.

Оваа година Божиќното дрвце е дар од германската покраина Баварија. Станува збор за обична смрека, висока 32 метри, но заради полесен транспорт е пресечена на височина од 25 метри. Дрвото пристигна во Рим на 19 ноември и беше поставено на плоштадот „Свети Петар“ со помош на вработените во Техничката и  градинарската служба на Ватикан.

Божиќната пештера е дар од архиепископијата на италијанската провинција Тренто во соработка со Здружението „Пријатели на Божиќната пештера на Тезеро“. Оваа година сценографијата на пештерата ќе ги прикаже карактеристичните селски градби од областа Тренто и е составена од 24 фигури, изработени од дрво и во природна големина. Две се главните сцени во пештерата: породувањето на Марија, Јосиф и Младенецот, поставени во центарот и тројцата мудреци кои пристигнуваат за да се поклонат на Синот Божји. Околу нив се поставени фигури, облечени со традиционалните носии од областа Тренто од средината на 19 век. Една од машките фигури во пештерата е наведната кон еден старец, нудејќи му ја својата помош: гест, кој е олицетворение на милосрдието.

Оваа година Божиќната елка ќе биде побогата и поукрасена. Некои од лампионите на дрвото се изработени од децата од онколошките болници во Италија и ги отсликуваат нивните соништа и копнежи. Заедно со нивните родители, овие деца учествуваа во програмата керамичка забавна терапија, организирана од Фондацијата „Грофицата Лене Тун“.

На 18 декември утрото, делегации од Баварија и областа Тренто заедно со неколку деца, кои се погрижиле за декорацијата на дрвото, беа примени од Светиот Отец, за да ги претстават официјално даровите. Оваа година поклониците и посетителите ќе можат да се радуваат на дрвото и пештерата веќе од 8 декември.

РВ/В.Н.








All the contents on this site are copyrighted ©.