2015-11-20 17:29:00

Папата ќе ја посети синагогата во Рим


По поканата на главниот рабин на Римската синагога, на 17 јануари 2016 година, папата Фрањо ќе ја посети синагогата во Рим.

Станува збор за трета посета на еден Папа на римската синагога, по посетите на свети Иван Павле II и на Бенедикт XVI. Посетата ќе биде обележана со лична средба на Папата со претставниците на еврејската религија и членовите на заедницата.

Говорејќи за Радио Ватикан за чувствата кои ги имаат римските Евреи исчекувајќи ја посетата на Папата, Фабио Перуџа, портпаролот на Еврејската заедница во Рим, истакна дека на тој настан Евреите гледаат со обновена радост, бидејќи тоа е уште еден знак на патот кој го започна Иван Павле II, продолжи со папата Бенедикт XVI, и денес се обновува со папата Фрањо.

На новинарската забелешка дека папата Фрањо ќе ја посети синагогата точно 30 години по историската посета на свети Иван Павле II, која на некој начин означи нов почеток, Фабио Перуџа истакна дека станува збор за пат кој и понатаму трае и изрази надеж дека, исто така, ќе отвори нова врата во меѓурелигискиот дијалог меѓу големите браќа од библиската историја.

Осврнувајќи се, пак, на овој момент во кој сме сведоци на нечовечки трагедии, портпаролот на Еврејската заедница рече дека е потребно добрите сили на овој свет да се обединат.

 

РВ/В.Н.








All the contents on this site are copyrighted ©.