2015-11-11 16:59:00

Прославен заветниот ден на блажена Мајка Тереза во Скопје


Во скопската катедрала Пресвето Срце Исусово во четврток 5 ноември 2015 година се собра голем број верници за да го прослави Заветниот ден на блажена Мајка Тереза кој што се одбележува секој петти во месецот.

Овој пат, поклоненици беа верниците од Катедралната парохија „Успение на Пресвета Богородица“ од Струмица како и верниците од парохијата Секирник заедно со своите свештеници. Светата Миса ја предводеше Скопскиот бискуп и Апстолски егзарх монс. Киро Стојанов, а со него концелебрираа скопскиот парох дон Давор Топиќ, директорот на Македонскиот Каритас и Радио Марија Македонија монс. Антун Циримотиќ, катедралниот парох од Струмица о. Ѓорѓи Трајков, неговит парохиски викар о. Ристо Самарџиски и парохот од Секирник о. Ѓорѓи Динов кој што упати и пригодна проповед.

Во својата проповед о. Динов размислуваше за тишината која што беше составен дел од животот на блажена Мајка Тереза. Во тишината таа пронајде момент за разговор со Бог, од тишината добиваше снага да го врши своето послание помеѓу сиромашните. И ние сме повикани да се сокриеме во тишина, да се сокриеме од вревата на овој живот како што кажа Мајка Тереза: „Во тишината на нашето срце Господ ни говори за својата љубов, во тишината на нашето срце му допуштаме на Исус да нѐљуби.“

После Светата Миса следеше обожавање на Пресветатаљ олтарска Тајна. Верниците имаа можност во тишина, но и преку кратки размислувања кои ги предводеше дон Давор Топиќ, да разговараат со Исус и на Исус да му ги доверат своите животи. На самиот крај, верниците имаа можност да ги целуваат моштите на блажена Мајка Тереза кои се знак на нејзина присутност меѓу нас.

„Таа е нашата застапничка на небото и на различни начини делува и на земјата. Едно големо нејзино дело е ова денеска, што собра толку голем број верници од Скопска бискупија и Апостолскиот егзархат на едно место за да молат заедно. На тој начин се остварува она што секогаш го велеше свети Иван Павле II дека Црквата треба да дише со двете градни крилја: Источното и Западното“ рече на крајот бискупот Стојанов.

За време на Светата Миса настапи скопскиот парохискиот бенд Агапе под водство на дон Јошт Мезег и воедно, ова им беше прв настап. Во бендот пеат 9 млади од различни делови на Македонија. Тие со своето пеење ја разубавија Литургијата и овој заветен ден. Во чест на блажена Мајка Тереза ја компонираа и нејзината позната песна „Опростување“ која Мајка Тереза ја напиша кога го напушти Скопје и кога појде во мисии.

к.мк








All the contents on this site are copyrighted ©.