2015-10-30 10:33:00

Папата до Радио Марија: Пренесувате надеж која доаѓа од Исус


Пренесувајте надеж која доаѓа од Христос и нудете „добро друштво“ на сиромашните. Тоа беше охрабрувањето на папата Фрањо упатено до членовите на Меѓународната Асоцијација Радио Марија, кои ги прими во аудиенција во салата Клементина во Ватикан.

Меѓународната католичка радио мрежа е присутна во 70 земји на пет континенти, со над 30 милиони слушатели.

„Ширењето на Радио Марија во многу земји со различна култура, јазик и традиција, е добра вест за сите, бидејќи покажува дека кога храбро се нудат содржини со висока вредност, јасно дефинирана христијанска припадност, тоа ги надминува очекувањата, дури и на оние кои за прв пат слушаат за евангелската порака“, истакна Папата.

Папата ги охрабри вработените и уредниците да истраат во работата, која се претворила во мисија, со верност кон Евангелието и учењето на Црквата, слушајќи го гласот на општеството и луѓето, особено на сиромашните и отфрлените, за да бидат за нив знак и поддршка.

„На тој начин, Радио Марија станува не само средство за пренесување на вести, идеи и музика во потрага по забава, туку и средство од огромно значење за пренесување на вистинската надеж која произлегува од Христовото спасение, нудејќи им добро друштво на сите кои имаат потреба“, додаде папата Фрањо.

„Уште од почетокот на своето постоење, целта на Радио Марија е да помага на Црквата во евангелизацијата, на свој начин, со емпатија кон загриженоста и драмата на луѓето, давајќи утеха и надеж, кои се плод на верата“, потсети Папата.

„Вашите радио емисии кои нудат широко место за молитва се сведоштво дека молитвата ја отвора вратата кон Господ“, рече Папата. „Дева Марија да продолжи да биде ваш пример за следење. „Затоа е потребно да ги синхронизирате вашите срца со Дева Марија и Црквата“.

РВ/В.Н.








All the contents on this site are copyrighted ©.