2015-10-27 12:08:00

Никогаш повеќе дискриминација и ксенофобија кон Ромите


„Никогаш повеќе трагедии со деца, кои умираат „од студ или оган“, но исто така и „никогаш повеќе лаги, измами и спорови: настапи времето за градење на почовечко општество и периферии“.

На ова беше ставен акцентот во говорот на папата Фрањо кон учесниците на Светското поклонение на ромското население во Рим. Настанот е организиран од Папскиот совет за пасторална работа меѓу мигрантите и бегалците со претседателот кардиналот Антонио Марио Велио, во соработка со Фондацијата „Мигрантес“ на Италијанската епископска конференција, Римската епархија и Заедницата „Свети Егидиј“.

Нека „ромскиот народ започне една нова историја, да сврти нова страница„ тоа беше апелот на Папата кон присутните, повеќе од 7 илјади Роми во ватиканската аула Павле VI со нивните ритми, музика и танц. Светиот Отец истакна дека ја познава добро реалноста на Ромите, тешкотиите за кои лично се уверил при посетата на парохиите во периферијата на Рим, „проблемите и грижите кои ги предизвикува не само Црквата, туку исто така и локалните власти“. Папата Фрањо ги осуди „лошите услови, недостатокот на работа и негрижата за Ромите“:

„Не сакаме повеќе да бидеме сведоци на семејни трагедии во кои децата умираат од студ или оган, или се претвораат во предмет во рацете на расипани луѓе, млади и жени вклучени во трговијата со дрога или луѓе. Тоа е затоа што често паѓаме во рамнодушноста и неспособноста да ги прифатиме обичаите и начините на живот, различни од нашиот“.

Станува збор за ситуации кои се спротивни на правото на секој човек за пристоен живот и работа, за образование и здравствена заштита. „Секое човечко суштество треба да ги ужива основните права, но истовремено, треба да одговори и на своите обврски“:

„Драги пријатели, не давајте им повод на средствата за комуникација и на јавното мислење да зборуваат лошо за вас. Вие самите сте главни актери за вашата сегашност и иднина. Како сите граѓани може да придонесете за благосостојбата и напредокот на општеството, почитувајќи го законот, вршејќи ги вашите обврски и интегрирајќи се преку еманципација на новите генерации“.

Папата Фрањо повика да им се даде голема важност на младите, „бидејќи тие се иднината на вашиот народ и на општеството во кое живеат“, истакна Папата додавајќи:

„Децата се вашето најголемо и непроценливо богатство. Денес вашата култура е во фаза на промени, технолошкиот развој прави вашите деца сѐ повеќе да се свесни за сопствените можности и достоинство. Самите тие ја чувствуваат потреба да работат за лично човечко охрабрување и за вашиот народ. Ова бара да им биде обезбедено соодветно образование. Ова треба да го барате, затоа што е едно од правата“.

Образованието - истакна папата - е несомнено основа за добар развој на човекот и е познато дека ниското ниво на образоваие на многу млади Роми денес им е главна пречка во пристапот до вработување“:

„Вашите деца имаат право да одат на училиште, не им пречете! Вашите деца имаат право да одат на училиште! Важно е стремежот за поголемо образование да тргне од семејството, од родителите, од бабите и дедовците; обврска на возрасните е да им гарантираат на децата да посетуваат училиште! Пристапот до образованието им овозможува на вашите млади да се претворат во активни граѓани и да учествуваат во политичкиот, социјалниот и економски живот на вашите држави“.

Папата увери дека е можно изградбата на едно мирен соживот во кој различните традиции ќе ги чуваат своите вредности. „Сето ова може да се постигне не преку затвореноста и контрастите, туку со дијалог и интеграција". За таа цел, истакна Папата „од цивилните институции се бара да обезбедат соодветни курсеви за обука за младите Роми, давајќи им можност исто и на семејствата кои живеат во тешки животни услови да имаат корист од соодветна училишна и работна интеграција“.

Од друга страна - продолжи Папата – „настапи времето за искоренување на вековните предрасуди, предрасуди и заемна недоверба, кои често се во основата на дискриминацијата, расизмот и ксенофобијата. Никој не треба да се чувствува изолиран, ниту овластен да го гази достоинството и правото на другите. Духот на милосрдието нè повикува да се бориме за гарантирање на овие вредности“.

РВ/В.Н.








All the contents on this site are copyrighted ©.